Првиот возач на автомобил била жена
„Мерцедес“ објави интересно видео во кое нè потсетува на почетоците на авто-индустријата и ѝ оддава признание на една жена којашто одиграла важна улога во „раѓањето“ на автомобилот.
Малку познат факт е дека една жена го дала почетниот импулс во автомобилската индустрија кога во 1888 година се одважила да седне зад воланот на новоконструираното возило, коешто на збунетиот набљудувач од тоа време би можело да изгледа како кочија без коњ.
Таа жена е Берта Бенц, а споменатото необично возило на три тркала го конструирал нејзиниот согруг, Карл Бенц, еден од пионерите во авто-индустријата и основач на компанијата од која што ќе се роди и една од најпознатити авто-марки на светот – „
Мерцедес Бенц“.
Меѓутоа, Карл сметал дека сè уште не е време да го проба својот изум во возење. Берта размислувала спротивно од него – верувала дека светот е подготвен за автомобили.
Без знаење на својот маж, одлучила да го проба новото возило на патот од Манхајм до Форцхајм, долг 106 километри.
Нејзиното историско патување имало за цел да покаже дека возилото во коешто таа и Карл вложиле многу пари – претставува значаен и корисен изум кој, ако на светот му се прикаже на вистински начин, би можел да им донесе финансиска корист.
Автомобилот на три тркала на двојката Бенц добивал погон од четиритактен мотор од 2,5 коњски сили, и бил способен да постигне брзина од 40 км/ч.
Во текот на своето епско патување, Берта, која поседувала солидно знаење од механиката, успеала да отстрани повеќе дефекти, а попатно морала да застане во гратчето Вислох за да докупи гориво од локалниот аптекар.
На своето историско патување, Берта не била сама. Ù помагале синовите Рихард (13) и Ојген (15) кои, меѓу другото, биле задолжени да го снабдуваат моторот со неопходната вода за ладење којашто морала често да се дополнува.
Тие во повеќе наврати биле принудени да го туркаат автомобилот на нагорнините, со оглед на тоа што возилото немало доволно сила само со помош на моторот да ги совлада стрмните делови на патот.
Берта на крај успеала во својата намера и кога стигнала на целта, го известила својот сопруг преку телеграма за успешно завршеното патување. Дури го повторила подвигот, кога неколку денови подоцна со автомобилот се вратила во Манхајм. Сè друго е историја.
Во знак на сеќавање на оваа случка и на една храбра жена, ’Мерцедес‘ направи краток филм во којшто нè потсетува на самите почетоци на автомобилската индустрија и ѝ оддава признание на Берта Бенц којашто одиграла важна улога во пионерските денови на овој автомобил: