Колку злато кријат, зошто се сини... Фасцинантни факти за океаните на Земјата

Колку злато кријат, зошто се сини... Фасцинантни факти за океаните на Земјата

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Можеби знаеме повеќе за Марс отколку за океаните на Земјата. Океаните опфаќаат 71% од нашата планета. Тие се големи и длабоки и затоа нивното истражување е тешко. Сепак, секојдневно дознаваме нови работи за океаните кои се фасцинантни, како следниве.

Во океаните има езера, реки и скриени водопади

Во океаните има езера, реки и водопади со различни големини. Овие езера и реки се формираат кога морската вода се пробива низ густите слоеви на сол под морското дно. Кога солениот слој ќе се раствори, тој создава дупка на дното, а растворената сол ја прави водата погуста. Оваа погуста вода паѓа во дупките и создава езерца.

Кога станува збор за водопадите, најголемиот водопад на Земјата се наоѓа помеѓу Гренланд и Исланд и се наоѓа под вода. Тој се формирал кога постудената вода од источниот дел од Данска се споила со потоплата вода од другата страна. Накратко, студената вода тече надолу под потоплата вода од океанот.


Фото: Freepik

Океаните се сини поради светлината

Многу уметници, дизајнери и музичари се инспирирале од сината вода на океаните. Но, малкумина знаат дека бојата на океанот е сина бидејќи водата апсорбира бои во црвениот дел од спектарот. Водата дејствува како филтер, односно ги остава боите во синиот дел од спектарот. Сините бранови должини продираат многу подлабоко од некои други бранови должини, па затоа колку подлабоко нуркате, толку е посина водата.

Поголемиот дел од животот на Земјата е воден

Океаните се полни со живот. Луѓето откриле многу видови во океаните, од едноклеточни организми до огромни сини китови. Океаните се комплексни екосистеми полни со риби, октоподи, лигни, јагули, делфини, ракови и многу повеќе.

Истражувачите сметаат дека сме идентификувале само околу една третина од сите животински видови во океаните. Сепак, се прави напредок. Секоја година се откриваат околу 2.000 нови видови во нашите океани.


Фото: Freepik

Би сакале да најдете закопано богатство?

Можеби сонувате за наоѓање напуштен пиратски брод полн со богатство. Ова не е невозможно, но треба да знаете дека се претпоставува дека има најмалку 1 милион потонати бродови во океаните. Некои сметаат дека бројката изнесува 3 милиони. Секако, тоа се бродови од целата човечка историја и вклучуваат и мали и големи бродови. Се смета и дека неоткриените богатства во океаните вредат над 60 милијарди долари.

Океанот овозможува вие да го читате овој напис

Под површината на океанот има мрежа од кабли кои ја овозможуваат комуникацијата помеѓу комуникациските компании. Каблите во океанот овозможуваат пренесување на 99% од податоците во светот. Овие кабли се наоѓаат на рамните површини на океанското дно.

Некои делови од океанот се незамисливо длабоки

Доколку може да седнете на најдлабоката точка во океанот и погледнете нагоре, тоа би било како да сте во авион и гледате кон Земјата. Најдлабоката точка во океанот е на 11 километри од површината. Нејзината длабочина е поголема од височината на Монт Еверест.


Фото: Freepik

Под површината на океаните има многу злато

Доколку се уморите од барање богатства на потонати бродови, можеби може да се обидете да направите злато од водата во океаните. Се претпоставува дека има околу 20 милиони тони разредено злато во океаните низ светот.

Повеќето вулкански ерупции се случуваат под вода

Се проценува дека има 1 милион подводни вулкани на Земјата. Не се сите активни и малку испуштаат стопена лава. Сепак, околу 80% од сите вулкански ерупции на планетата всушност се подводни. Овие реакции играат улога во океанскиот екосистем бидејќи многу животински форми се развиваат во нивна близина.


Фото: Freepik

Во океаните има многу пластика

Се проценува дека во океаните се фрлаат околу 7 милиони тони пластика годишно. Оваа пластика може да заврши во телата на многу морски животни. Едно истражување покажува дека рибите во северниот дел од Тихиот Океан голтаат од 12.000 до 24.000 тони пластика секоја година. Микроскопските делови пластика влегуваат во нивните тела, а потоа и во нашите кога ги јадеме рибите.

Имаме кислород благодарение на нашите океани

Освен разновидниот екосистем, океаните ни даваат и кислород. Се проценува дека океаните произведуваат од 50% до 80% од кислородот на Земјата со фотосинтеза на морските планктони, алги и некои бактерии.

Автор: Донован Александар
Извор: interestingengineering.com