Проф. д-р Михаил Петков: За успешна соработка меѓу студентите и професорите, неопходни се посветеност, креативност и визија...
Земјоделството денес и производството на храна не е она што било порано. За да се занимавате со земјоделство и да произведувате квалитетни и безбедни производи, потребни се напредни мултидисциплинарни знаења. Одгледувањето повеќегодишни култури претставува посебен предизвик во земјоделското производство. За ова деликатно производство, потребно е да се има визија, што бараме, што очекуваме во наредните неколку декади, сè додека има финансиска исплатливост. Секоја грешка што ќе се направи при стартот бара дополнително време и финансии да се исправи, а многу други фактори дополнително може да се јават како пречка.
Од 9. акредитирани студиски насоки што се изучуваат на
Факултетот за земјоделски науки и храна, во состав на УКИМ во Скопје, би ја издвоил студиската програма
Овоштарство, лозарство и винарство со двата модула: Овоштарство и Лозарство и винарство, каде што особено внимание се посветува на производството на овошни култури, винова лоза и преработка на грозјето во вино и дестилати од овошје и грозје. Студентите од модулот: Овоштарство се запознаваат со целокупниот процес на производство на овошје, кој го опфаќа производството на овошен саден материјал, изучување на законитостите во животот на овошните растенија и нивното реагирање на еколошките услови од средината, изучување на целокупната технологија на подигнување и одгледување овошни насади, со проучување на поединечните овошни видови и нивниот сортимент, како и постбербената технологија на плодовите и нивните доработки. Студентите од модулот: Лозарство и винарство темелно го изучуваат целокупниот процес при производството на винова лоза, физиологијата и биологијата на виновата лоза, почвените и климатските услови за успешен развој (од подготовка на терен, подигнување и одржување на лозови насади), со можностите и начинот на избор на лозов саден материјал со определени карактеристики на сортите и подлогите на винова лоза.
Преку изучување на предметните програми предвидени на студиската програма Овоштарство, лозарство и винарство студентите се запознаваат со целокупниот циклус на одгледување до производство на финален производ (агротехнички, помотехнички и заштитни мерки), ги изучуваат системите на одгледување, од планирање и избор на саден материјал и користење соодветна земјоделска механизација во сите фази на производството до берба. Базичните предмети се неопходни за секој иден агроном, и преку нивно изучување студентите се запознаваат со различните видови овошје, сортите на посебни видови овошје, како и трпезните и винските сорти винова лоза. Ова е првиот момент каде што треба да се осознае визијата за наредното производство, а чија успешност зависи од многубројни фактори, како природни така и човечки. Тука е моментот кога студентот – иден агроном полека се определува кон што ќе се стреми, каде ќе започне со усовршување на своето знаење и пракса. Правилниот избор на култура, сорта, местоположба, систем на одгледување и користење на најновите научни сознанија ќе овозможат повеќедецениски успех, што резултира, пред сè, со задоволство од работата и финансиска независност. Ова е особено важно во денешното време на живеење кога економската независност и можноста за самоодржливост е најважна за младите луѓе. Климатските промени, како и посебните климатски микроуслови во секоја вегетациска година, предизвикуваат различни услови за производство, каде што агрономот никогаш не знае што го очекува и дава доза на неизвесност и авантура во секоја година од производството. Брзите реакции и мали промени се клучни за стандардизирано производство, она што потрошувачите најмногу го ценат. Важно е во секоја вегетациска година, без разлика колку е поразлична од другите, да добиеме финален производ кој ќе се разликува многу малку во однос на претходните производи. Секако дека постојат разлики кои некогаш се и пожелни за да се истакне потеклото на производот и неговиот квалитет, кој пак зависи од повеќе природни и човечки фактори. Сите овие непознати ги прават животот и работата на агрономот да бидат занимливи, авантуристички, непредвидливи, каде што секојдневно мора да се носат правилни одлуки. Ова е особено изразено при преработката на грозјето од винските сорти винова лоза во вино, каде што секогаш кај потрошувачите се поставуваат прашања за потеклото на грозјето, годината на берба и производителот итн. Иако постојат огромен број вински сорти грозје, како автохтони кои се специфични за одредени земји и региони, така и интернационални кои се застапени во целиот свет, не постојат две исти вина според хемиските и сензорните карактеристики. Секој регион, начин на одгледување, годината на берба, степен на зрелост, дава различен квалитет на грозјето од една иста сорта винова лоза, а тоа е суровината која ни е неопходна за производство на вино, со сите нејзини квалитети и маани во тековната година. Виното се раѓа во лозјето, а се формира и зрее во винарската визба. Поврзаноста на производството на грозје и производство на вино е од исклучително значење за добивање квалитетен производ. Спојот на изучувањето на суровината, односно добивање квалитетно грозје и неговата трансформација во вино е ѕвездата водилка на студиумот од модулот лозаро-винарско производство. Производството на вино покрај визијата за крајниот производ, авантурата која нè следи во годишното производство, бара и креативност при планирањето и формирањето на крајниот производ, како и при изведување на технолошките операции кои се неопходни во текот на производството на вино. Секако, најновите научни сознанија, како и правилното користење на опремата и енолошките средства, ни помагаат во остварување на целта, односно добивање на вистинскиот квалитет на осмислениот финален производ, кој треба со мали отстапки да се одржува во повеќедеценискиот производствен процес. Со осознавањето на сите енохемиски промени кои се случуваат во ширата и виното, технолошките операции кои се изведуваат во одредена фаза на развојот на финалниот производ – вино, може да се предвиди, но не и да се гарантира крајниот резултат на производството. Токму поради ова, не постои „тајна формула“ за производство на вино. Сè се сведува на следење на зададената цел, навремена одлука на производителот за користење одредени технолошки операции или средства, како и потребното време за финализирање на производот. Сите овие теми студентите ги изучуваат во текот на студиското образование на ФЗНХ. Изучувањето и осознавањето на одредени сензорни особини на виното, како и на алкохолните пијалаци, им овозможуваат на идните производители да го водат процесот на винификација, дестилација, зреење, како и мешање на соодветни делови од иста сорта или различни сорти, до многу висок квалитет на осмислениот производ. Виното е жива материја која постојано се менува, неопходно е секојдневно тестирање на производот, кој многупати може да нè изненади во позитивна или негативна смисла, така што треба брза и точна реакција за следење на осмислената цел.
По завршување на студиите (8 семестри, 240 ЕКТС), студентите се здобиваат со меѓународно призната диплома за дипломиран земјоделски инженер, студиска програма Овоштарство, лозарство и винарство (на соодветниот модул). Целокупниот студиум претставува воведување во еден нов свет, каде што се бара посветеност, континуирано учење, воведување нови производи, следејќи ги трендовите на потрошувачите, и кој на крај ни дава сатисфакција дека сме постигнале нешто што е уникатно. Горд сум кога нашите студенти ќе станат одлични производители, препознатливи стручњаци, енолози, дегустатори... а верувајте ги има низ целиот свет. За успешна соработка меѓу студентите и професорите, неопходни се посветеност, креативност и визија... а тоа дава резултати. Тоа е она што го дава печатот на нашиот Факултет, на оваа високообразовна институција која веќе 75 години гордо опстојува и се соочува со сите предизвици што се јавуваат во земјоделството и успешно продуцира нови, млади кадри – новата енергија која е во континуитет потребна за напредок и усовршување на земјоделскиот сектор. Факултетот за земјоделски науки и храна има успешна соработка со голем број компании од областа каде што студентите за време на студиите имаат можност да извршуваат пракса, а по дипломирањето и професионално да се реализираат.