Мини-листа со бисерно чисти, планински леднички езера во Македонија
Имаат кристално чиста вода, која е многу студена и во најжешките месеци. Во зима често се покриени со мраз, а во лето се вистинска освежителна оаза за сите љубители на планините и планинарењето
Како продолжение на текстот со
живописните вештачки езера за разладување во Македонија, ред е да направиме една мини-листа со нашите бисерно чисти, природни леднички езера кои се сместени во најдевствениот дел од Македонија, планините. На надморска височина од 1.600 метри до 2.500 метри, според сознанијата на професорот Ивица Милевски, има околу четириесет. Најмногу ги има на Шар Планина (18): Потоа на Кораб со Дешат и Крчин (12), Јабланица (4), Стогово (3), Пелистер (2) и Јакупица (2). Овие езера, иако се мали, се многу атрактивни, пред сѐ, поради положбата. Имаат кристално чиста вода, која држи ниски температури и во најжешките месеци. Во зима често се покриени со мраз, а во лето се вистинска освежителна оаза за сите љубители на планините и планинарењето. За да стигнеш до нив, најчесто треба да испешачиш, а некои се достапни со теренско возило.
Салакови Езера
Во централниот дел на Македонија се наоѓа еден од најубавите планински масиви во нашата земја - масивот Јакупица. На него се оформени две глацијални (циркни) езера, наречени Салаковски Езера (Големо и Мало Салаковско Езеро), сместени во месноста Езериња на североисточните делови од Караџица, или веднаш под врвот Убава. Малото Салаковско Езеро се наoѓа во северозападниот дел од Салаковскиот цирк, на надморска височина од 2.171 метар. Со вода се храни од извор, како и од врнежи и преку топење на снегот. Големото Салаковско Езеро го зазема југоисточниот дел од Салаковскиот цирк и се наоѓа на надморска височина од 2.170 м. И за разлика од Малото, има помала длабочина, која изнесува 1,3 метри. Со вода се снабдува од притока која доаѓа од Малото Салаковско Езеро и секако од врнежи и од топење на снегот.
Големо Езеро на Пелистер
Пелистерските Очи се леднички езера на Пелистер. Едно од најубавите леднички езера е токму Големото Езеро на Пелистер, на височина од 2.218 м, кое е најдлабоко (15 м), најпровидно и најпосетено глацијално езеро во Македонија. До езерото се стигнува пеш преку Ниже Поле или преку хотелот „Молика“. Патот преку „Молика“ ве носи низ раскошна природа, камени реки, бујни шуми, се поминува и највисокиот врв Пелистер, а оттука погледот достигнува до Преспанското Езеро. А втората опција преку Ниже Поле е пократка и за околу три часа може да се стигне до езерото и планинарскиот дом Големо Езеро, каде што може и да се преспие. Утрата тука се магични, прекрасно е да се види како небото се огледува во езерото. И преку земјен пат во потоплите месеци може да се стигне до езерото со теренско возило. Но допирот на природата поинтензивно се чувствува доколку испешачите.
Боговинско Езеро на Шар Планина
Најголемо езеро на Шар Планина е Боговињското Езеро. Тоа се наоѓа во сливното подрачје на Боговињска Река, односно самата река поминува низ езерото и го освежува и го разбиструва. Сместено е на надморска височина од 1.941 метар. Езерото се полни и се прочистува со неколку притоки кои се влеваат во него. Најголема и најпозната е истоимената Боговињска Река. Пристигнувањето до ова езеро може да се реализира само со пешачење. Најдобро преку Ново Село, кое пак се наоѓа над селото Боговиње. Патеката е трасирана и разгазена, но потребно е да се внимава да не се залута. Потребен е само мал чекор за да се скршне од патот. Целата траса е опсипана со убавини. Дивина исполнета со билки, цвеќиња, пеперутки, скакулци, штурци... И веднаш над езерото се наоѓа еден од најстрмните врвови - врвот Бориславец, 2.675 метри. За поспремните планинари, врв кој не се пропушта, кој ве носи над езерото и ви отклучува нови прозорци.
Ливадичко Езеро
Ливадичкото Езеро се наоѓа на крајниот североисточен дел од Шар Планина, под врвот Ливадица (2.491 м.н.в.) на надморска височина од 2.137 метри, во близина на врвот Љуботен и Пирибег. Една од планинарските патеки почнува од излетничкото место Петачко Водиче, над с. Беловиште и води до Ливадичко Езеро. А, исто така, езерото е достапно и од Старо Село, преку планинарскиот дом Љуботен и Козја стена. Патеките се маркирани, исполнети со карпести делови, прекрасни пејзажи. Водата во езерото е бисерно чиста и можете дното да го видите. Бреговите му се карпести, а највпечатлива е надвиснатата карпа над езерските води, настаната од езерските бранови, која е единствена од таков облик на Шар Планина.
Вевчанско Езеро
Вевчанското Езеро, кое околното население го нарекува Локва, се наоѓа на запад од селото Вевчани, на источната планинска страна на Јабланица во изворишниот дел на Вевчанска Река, под највисокиот јабланички врв Црн Камен, висок 2.558 метри. Езерото се наоѓа на надморска височина од 1.993 метри. Може да се посети само по обележана планинарска патека од селото Горна Белица, преку врвот Црн Камен или директно кон месноста Криви Вирови, до каде што е пробиен макадамски, шумски пат за лесни теренски возила, од кој по 30-40 минути пешки се стигнува до езерото.
Фото: Васко Кически