Серијата што стана глобален феномен. Дури и Бред Пит сака да глуми во неа

Серијата што стана глобален феномен. Дури и Бред Пит сака да глуми во неа

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако сега е најдобро време за ТВ-серии, факт е дека никогаш не било потешко сериите да се пробијат и да се сервира хит во кој луѓето масовно ќе уживаат.

Пазарот е презаситен и не претеруваме ако кажеме дека не поминува ден, а да не се појават претстојни, високобуџетни и амбициозни проекти што, да бидеме реални, не можеме да ги гледаме освен ако цел ден не го посветиме на сериите.

Квалитетните серии поминуваат незабележано, многу престануваат да се емитуваат, а до неодамна мини-сериите станаа огромен хит („Чернобил“), додека сериите за суперхероите престануваат да се емитуваат. Се чини дека е сè потешко да се постават конкретни правила бидејќи сè е препуштено на хаосот што владее на пазарот.

Токму затоа е неверојатно што гангстерската серија на Стивен Најт, „Пики Блајндерс“ од солидниот, скромен почеток, стигна до статус на глобален феномен. Сите лудуваат по оваа приказна за фантастично облечени гангстери. Приказната, која пред шест години почна на Би-би-си, прерасна над границите на класичната телевизија.

Активно се зборува за наредните две сезони, а вообичаениот пад на популарноста во овој случај воопшто не се случи. Всушност, серијата е попопуларна од кога било, а благодарение на „Нетфликс“ и фактот што го има овој сервис во 183 земји низ светот, не е чудно што пофалбите доаѓаат од сите страни и од познатите актери што сакаат да глумат во неа.

serija

- Многу луѓе нè контактираат и сакаат улога во серијата. Бред Пит, Снуп Дог и многу други. Мислам дека во шестата сезона ќе ја отвориме вратата за славните актери. Но, најважно е да бидат добри. Ќе ги земеме само најдобрите како што направивме со Сем Клафлин, кој го глуми Мозли. Тој е совршен - изјави Најт.

Но, со овие потези мора да се биде внимателен бидејќи често се случува појавувањето на познати актери да го уништи статусот на самата серија.

- Секогаш е тешко кога публиката го знае актерот од друг филм или серија. Тоа го одвлекува вниманието - додава Најт.

Да се потсетиме на гостувањето на Ед Ширан во „Игра на троновите“. Иако пејачот не направи ништо лошо, фановите негативно реагираа на неговото појавување бидејќи изгледа како евтин трик, таквите работи може целосно да ве извлечат од приказната и да ја уништат атмосферата.

Најт потврди дека Мозли ќе се врати во шестата сезона, но и многу други, еднакво квалитетни актери.

Иако серијата донекаде се базира на вистински настани, банди и нивните непријатели, не станува збор за историска серија, па голем дел од дејствијата се резултат на имагинацијата на сценаристот. Сер Освалд Мозли, основач и лидер на Британската унија на фашистите, е еден од најпознатите ликови и вистинска личност, па неговата приказна ќе се држи до фактите.

- Она што сакам да го направам е да ја земам историјата и специфичните работи од неа и за нив да напишам нешто помалку познато. Мозли имал афера со сестрата на неговата сопруга и нејзината мајка, но историјата не се занимава со тоа, тоа не е нешто што го знаеме за него. Но, кој прави такви работи? Бил харизматичен и привлекувал и поради тоа неговата порака била толку заводлива и му дозволувала да привлекува луѓе. Сакам луѓето да го видат злото што е заводливо и колку треба да бидеме внимателни. Подемот на фашизмот, расизмот, националниот социјализам и популизмот, сето тоа се случува. Ги гледав говорите на Мозли и еден од нив почнуваше со зборовите: „Не верувајте им на лажните вести“. На луѓето им велеше дека медиумите лажат, дека странците им ги одземаат работите. За мене е добро, но за светот е лошо сите работи да се повторуваат и за нив да можам да пишувам. Се надевам само дека луѓето ќе сфатат дека по 9 години од говорите на Мозли избувна светска војна. Да се обидеме да не го повториме тоа - вели Најт.