Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Десет волци, десет кучиња-миленичиња и 10 кучиња од прифатилишта за животни од различни раси биле ставени на тест: морале да отворат кутија, за што била потребна упорност, за во неа да најдат награда за успехот.
Тестот што им бил даден на животните, а го спроведувала Моник Удел, професорка од Државниот универзитет во Орегон, го решиле 8 од 10 волци и само 1 од 20 кучиња. Останатите кучиња барале упатство и помош од луѓето. Набљудувањето ги натерало истражувачите да се запрашаат дали со припитомување на волкот човекот создал мрзливи и помалку интелигентни суштества? Како воопшто настанало пријателството меѓу човекот и кучето?
Најновите истражувања на научниците посочуваат дека волкот бил припитомен од првите земјоделци што имале постојани населби во тоа време. Се претпоставува дека
волците биле привлечени од остатоците од храна. Но, се чини дека историјата на ова пријателство е многу постара. Имено, пред четири години група генетичари и палеонтолози предводени од Олаф Талман од Универзитетот „Турку“ во Финска ги анализирале геномите на сегашните кучиња и волци, како и 18 фосили на кучиња стари од 1.000 до 36.000 години. Истражувањата покажале дека кучињата потекнуваат од популација на волци од Централна Европа, која оттогаш изумрела. Во трудот за припитомување на волците, објавен во списанието „Сајнс“, тие наведуваат дека припитомувањето во Азија почнало пред околу 15.000 години и дека најстарите фосили, од пред повеќе од 30.000 години, биле пронајдени во Европа и Сибир. Тоа е многу порано отколку што се сметало.
Ако нивниот заклучок е точен, човекот го припитомил волкот долго време пред да почне да одгледува добиток или да одгледува житни култури, во време кога талкал по земјата, собирал овошје и ловел. Можно е волците првично да следеле групи луѓе кои оставиле коски од животни. За луѓето тоа било корисно затоа што другите sверови не им приоѓале бидејќи се плашеле од волците. Така, двата вида создале пријателство од корист.
Волкот е секако првото животно што го припитомил човекот. Волците им помагале во ловот - човекот јадел месо, а волкот коски. Тие и тогаш ги чувале засолништата на луѓето и ги алармирале во случај на опасност.
Извор:
Nauka kroz price
Фото: Pixabay