Мистериозни писма полни со омраза го вознемируваат ова мирно англиско село
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Писмата испратени од мистериозен автор до селото Шиптонторп може да се опишат како лични, гнасни и со некаква цел.
Анонимните писма го вознемируваат мирното англиско село во источен Јоркшир, велат локалните жители. Оние што ја добиваат оваа „вулгарна“ пошта велат дека последните две години трпат вистинска тортура преку пошта.
Поради вознемирувачките писма, дел од нив биле истражувани од полицијата во Хамберсајд.
Двегодишната сага потсетува на скандалозните писма што го уништија Литлхемптон, приморски град во Сасекс, пролетта 1920 година - случај што предизвикала дебата во парламентот и што бил инспирација за мрачната комедија „Злобни мали писма“ со Оливија Колман во главната улога.
Во Шиптонторп, Софи вели дека го добила првото вознемирувачко писмо во декември 2022 година и веднаш пријавила во полиција. Тогаш сакала да стане претседателка на месната заедница.
- Беше подло, го искинав, не можев да разберам од каде беше испратено и зошто го добив. Бев обвинета дека сум промискуитетна. Пишуваше дека единствениот начин да се постигне нешто во политиката е да се прават неописливи работи со мажите - вели Софија. Авторот на писмото на крајот ѝ напишал дека треба да излезе да пасе со другите крави.
Полицијата во Хамберсајд го потврди извештајот за писмото.
- Тогаш случајот се истражуваше, а беа прегледани и снимките од безбедносните камери. Сепак, содржината на самото писмо повеќе не беше достапна, па немавме можност за понатамошна истрага - велат од полиција.
Полицијата ја советувала Софија за безбедноста. Таа добила уште три писма и сите ги пријавила во полиција.
И партнерот на Софија, Сем, добил писма. Во едно од нив авторот го предупредува за приватниот живот на Софија и повикува да го прекине нејзиното скитање. Писмото било потпишано од драг пријател кој се грижи.
Сем вели дека бил загрижен за Софија бидејќи и двајцата добиле писма.
- Бев исплашен и загрижен дека некој може да ѝ пријде бидејќи не знаев кој сè знае за писмото - вели тој.
Полицијата соопшти дека добила пријава за маж кој бил загрижен откако добил анонимно писмо на неговата домашна адреса. Полициски службеници го прегледале писмото, но во него немало агресивен јазик и било утврдено дека не било сторено кривично дело, а човекот бил советуван да се јави повторно во полиција доколку има нови инциденти.
Трет жител пријавил во полиција дека добил писмо во кое авторот напишал дека се надева дека ќе заболи од рак.
- Облак од зло виси над Шиптонтроп. Прекрасно село со прекрасни луѓе, но некој внесе отров во него. Луѓето доаѓаат тука за мир, за живот во заедница, а сега некој го уништува тоа - вели Џејсон, жител на селото кој иако досега не добил писмо, свесен е за штетата што ја предизвикуваат овие писма.
Извор:
ВВС
Фото: BBC