Нашата генерација можеби нема да влезе во брак, но сигурно ќе влезе во кредити
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Милениумци. Генерација Петар Пан. Генерација на ајфони, геџети, социјални мрежи, специфичен музички вкус, различен поглед кон светот, склони кон одложување на важните животни одлуки.
Често оспорувани и прекорувани. Кои се всушност милениумците? Можеби овој текст ќе ви ја приближи генерацијата за која медиумите сè почесто пишуваат.
„Ние сме мала, разгалена група возрасни тинејџери кои не сакаат да работат - ќе речат повеќето луѓе со седа коса и фланелски кошули. А потоа студено ќе му делегираат на некој на наши години да ја заврши целата нивна работа. Секако, за далеку помалку пари.
Милениумците веројатно се најпотценетата група на луѓе денес. И полека почнуваме да се уморуваме од тоа.
Пред некој ден ми раскажуваше една пријателка дека од работа ги однеле на семинар. Ги споредувале. Пауер поинт-презентацијата на англиски блескала.
Фото: Pixabay
Им објасниле дека милениумците сакаат сè сега и одма, бидејќи штом се преселат од домот на родителите... Го извадила телефонот. Повеќе не било потребно да слуша.
Мојата генерација се сите тие познати милениумци. Ене ги. Како дипломирани доктори работат во кол-центри, волонтираат по саеми, работат на промоции по мегамаркетите.
Очајуваат. Наместо помош, добиваат понижување. Им велат дека се неважни, неработливи и неуредни. Дека работодавецот добро знае дека оваа генерација нема ништо да работи.
Нема? Навистина? За генерација што нема да работи - гледам голем дел од нив пред Бирото за невработени. А тие вработените никаде не ги гледам. Работат 12 часа, често за малку пари.
Кога во Србија ќе ја добиеш таа позната седумка на животното лото, треба да бидеш проклето среќен што воопшто работиш. И системот секој ден ќе те потсетува на тоа.
Старата формула - заврши основно, продолжи во средно, дипломирај, вработи се и основај семејство - овена во жариштето на кризата.
Денес уште на 15 години станува јасно дека ќе завршиш основно, ќе го преживееш средното, но додека ги предаваш документите за упис на факултет, ќе сфатиш дека веројатно нема потреба да го завршиш. Или нема да работиш по струка или нема да работиш воопшто.
Зборувате за семејство. Нашата генерација можеби нема да влезе во брак, но сигурно ќе влезе во кредит. Повеќе кредити.
Вас по работа ве чекаше домот, друштвото и вечерниот дневник. Добре дојдовте на интернет. За мојата генерација не постои „по работа“. За мојата генерација често не постои ни работа.
Неодамна направивме експеримент и ги замоливме колегите, милениумците, да ги извадат нивните работи од чантите. Во чантите имаше прибор за јадење и лекови. Сите беа млади луѓе.
Велите дека милениумците сакаат сè веднаш. Како да не сакаат кога од раѓање живеат во најмалку четири држави, а не се мрднале од место.
Велите дека младите се неспособни да си ги исперат чорапите, а всушност сите ги миете рацете од нив. Кој ги воспитал - далај-лама?
Принудени да живеат во сегашноста,
младите ги плаќаат минатите долгови и се тресат од неизвесна иднина. Оние за кои и понатаму одлучуваат вашите генерации.
Можеби крајно време е да замолчите за нашата.