Мерки за спас: Каде во Европа повторно се затвораат училишта?

Мерки за спас: Каде во Европа повторно се затвораат училишта?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Европските земји, па дури и регионите во самите земји, применуваат драстично спротивставени стратегии. Нашето МОН информира дека помалку од еден процент од учениците и кадарот во основните и во средните училишта се заразени со Ковид-19. Оттаму сметаат дека протоколите се ефикасни во намалувањето на ризиците за ширење на вирусот

Владите низ Европа и светот повторно се пред тежок предизвик: спречување и намалување на заразата со Ковид-19, откако светот го погоди вториот бран на коронавирусот. Некои земји повторно се одлучија на строги рестрикции и полициски час, а дел од нив дури и презедоа непопуларни одлуки, како што е затворањето на училиштата, баровите и салите за вежбање.

Европските земји, па дури и регионите во самите земји, применуваат драстично спротивставени стратегии. Во една област се смета дека баровите се жаришта за размножување на случаите, додека во друга област за такви жаришта се сметаат училиштата.

Во Словенија минатата недела беше најавено затворање на училиштата и градинките, освен за децата чии родители се вработени во здравството. Училиштата продолжуваат со онлајн-работа.

Италија, земјата која прва ги доживеа најголемите тешкотии од вирусот во Европа, и покрај протестите, повторно се сврти кон рестриктивни мерки и затворање локали, но основните училишта остануваат отворени, додека 75 отсто од средношколците ќе мора да ја следат наставата онлајн.

Во Германија, канцеларката Ангела Меркел планира карантин и затворање на баровите, рестораните и јавните настани. Училиштата и некои продавници ќе останат отворени, но под ограничувања. Изјави дека во баварската област Ротал-Ин ќе воведе карантин и ќе ги затвори училиштата и градинките, а сите јавни настани ќе бидат откажани. Ротал-Ин забележа повеќе од 200 нови инфекции на 100.000 луѓе во текот на изминатата недела, пишува „Јуроњуз“.

2

Во меѓувреме, Русија бележи рекордни бројки на новозаразени. И покрај сѐ поголемите бројки, властите го отфрлија воведувањето изолација на ниво на целата земја, слично на она што се случуваше во Русија од крајот на март до средината на мај. Сепак, од московските бизниси беше побарано барем една третина од вработените да работат од далечина. Во некои региони образовните институции, вклучително и училишта и универзитети, се вратија на далечинско учење. Во вторникот во Русија беа потврдени 16.550 нови случаи на заразени со Ковид-19, со што вкупниот број се зголеми на 1.547.774, пренесе „Москоу тајмс“.

Чешка неодамна реши да ги затвори училиштата за да се намалат случаите на коронавирус.

- Им се извинувам на директорите на училиштата. Им се извинувам на родителите за постојаната неизвесност. Но, потребно е да го направиме ова, и тоа брзо - изјави неодамна чешкиот министер за образование Роберт Плага.

Оваа непопуларна мерка беше неопходна за да се спречи колапс на здравствениот систем, изјави министерот за здравство Роман Примула. Тој додаде дека бројот на заразени наставници и вработени во образованието вртоглаво се зголеми од септември.

И Северна Ирска се фокусира на образованието, воведувајќи ги најстрогите ограничувања во Велика Британија - затворајќи ги училиштата на две недели, јавува „Вашингтон пост“. Што се однесува до останатиот дел од Велика Британија, премиерот Борис Џонсон и министерот на Шкотска и Велс изјавија дека сакаат да ги остават училиштата отворени, како приоритет, пишува британски „Експрес“.

1
Фото: Freepik

Во шпанската област Гранада властите неодамна им наредија на сите универзитети да ги префрлат часовите онлајн.

- Многу сум тажен што баровите се поважни отколку универзитетското образование - изјави деканот на Универзитетот во Гранада, Пилар Аранда.

- Владата ги остави баровите отворени, а ги затвори училниците, семинарите, лабораториите и библиотеките - додаде тој.

Македонското Министерство за образование и наука - МОН информира дека помалку од еден процент од учениците и кадарот во основните и во средните училишта се заразени со Ковид-19. Оттаму сметаат дека протоколите се ефикасни во намалувањето на ризиците за ширење на вирусот.

- Наставата продолжува да се одвива непречено, следејќи ја веќе утврдената динамика и организација - информираа од МОН.

Кај нас учениците од 1. до 3. одделение може да одат на настава во училиштата со физичко присуство, а освен доколку за тоа нема одобрение од посебна комисија во подрачја каде што нема многу заболени, сите останати учат онлајн, на далечина.
Според извештаите што училиштата секојдневно ги доставуваат до МОН, од вкупно 259.235 ученици на ниво на држава процентот на заразени изнесува 0,06%, а од вкупно 27.955 наставници и друг кадар овој процент изнесува 0,58%, што е далеку под еден процент. Во рамките на наставата со физичко присуство се регистрирани вкупно 40 ученици позитивни на коронавирусот и 52 вработени од наставниот кадар во средните и основните училишта. Во сите други случаи станува збор за учесници на онлајн-настава, при што ниту децата ниту наставниците имале контакт со останатите во училиштата.