Цените не пораснале 500 години: Идилична населба во која киријата чини 88 центи годишно
Населбата од соништата се наоѓа во баварскиот град Аугсбург. Имено, доколку сакате да го посетите Фугереј, ќе треба да платите влезница, чија цена е четири пати повисока од изнајмувањето стан за цела година...
Иако звучи како нешто од графата „верувале или не“, во идиличната германска населба Фугереј цената за изнајмување стан не е променета од 16 век и изнесува 88 центи годишно.
Населбата се наоѓа во баварскиот град Аугсбург. Тој е и еден од најстарите градови во Германија, за што сведочи и неговото име: имено, основан е по наредба на римскиот император Август како воен логор. Дури и тогаш овде живееле околу 10.000 луѓе, а наскоро потоа станал еден од најголемите градови на Римското Царство. Бил центар за трговија, индустрија и производство на ткаенини, уметничка оаза за многу сликари и музичари, родно место на посебен рококо стил наречен „стил на Аугсбург“, а неговиот систем за водоснабдување е вклучен во списокот на светско наследство на УНЕСКО во Европа.
Сепак, иако просперитетен, градот имал дел со сиромашни граѓани. За нив се грижела влијателната и моќна банкарска фамилија Фугер, која во 16 век инвестирала пари во изградба на специјална населба Фугереј за помалку богатите. Меѓу нив имало вдовици, бездомници и осиромашени занаетчии, но не и питачи.
За да станат жители на Фугереј, тие морале да исполнат неколку услови: да поминат најмалку две години во Аугсбург, да бидат од католичка вероисповед и да имаат доказ дека не биле казнети. Интересно е што еден од жителите бил прадедо на славниот Моцарт, во чија чест денеска е поставена спомен-плоча.
Жителите на населбата плаќале годишна закупнина на фондацијата во износ од само 88 центи, а дополнително биле обврзани да „изведат“ три молитви дневно за членовите на семејството Фугер и да вршат хонорарна општествена работа. Големо значење се придавало на духот на заедништво и солидарноста, кои се чувствуваат и денес. Жителите си вршат услуги меѓу себе, си помагаат и се дружат.
Така, Фугереј станала најстарата социјална населба во светот. Но, за оние што би можеле да злоупотребат нечија добра волја, треба да се забележи: основниот принцип на помагање на жителите е да им се помогне на начин на кој самите ќе си помогнат. Така, додека не застанат на нозе и не можат да се иселат, им се отстапува место додека им е потребно.
Денес има околу седумдесет куќи, односно околу 150 стана. Површината на становите е околу 60 квадратни метри, а тие на приземје имаат и двор. Овој „град во град“ е опкружен со ѕидини уште од средниот век и има пет порти кои сè уште се затвораат секоја вечер. Тука за гостите има и музеј и продавница за сувенири.
Доколку сакате да го посетите Фугереј, ќе треба да платите влезница чија цена е осум пати повисока од изнајмувањето стан за цела година - така што ќе треба да потрошите дури 8 евра!
Извор: 6yka.com
Фото: Instagram