Годишно се трошат до 6.000 денари за литература - студентите учат од фотокопии, учебници купени на старо, а има и акции за подарување книги
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Здружението на студенти по медицина (ЗСМ), чија цел е застапување и остварување на интересите и правата на студентите, пред две години ја почна акцијата „Подари книга“
Македонските студенти учат претежно од копирани книги, учебници, презентации, а за да ги намалат трошоците, фотокопиите често ги купуваат од студенти од претходните генерации. Има и хумани студенти или дипломци кои ги донираат книгите или фотокопиите што не им требаат, но и такви кои ги продаваат за да заработат некој денар и да го надополнат и онака скромниот студентски буџет. Последните години студентите ги добиваат книгите и бесплатно онлајн, но за попрактична примена, некои од нив ги печатат. Според студентите, тие годишно трошат од 3.000 до над 6.000 денари за потребните учебни помагала и друга литература.
- Ако се знае дека во академска година слушаме по 12 предмети, од кои дел се застапени преку модули 1 и 2 во двата семестра, треба да набавиме книги барем по 8 предмети кои во просек се од 160 до 200 страници, а цената за фотокопирана страница е од 2 до 4 денари, па во просек имаме трошок од 3.800 денари. Ако на ова се додаде и дополнителна литература и презентации што ги пуштаат професорите, цената стигнува над 4.000 денари - вели студентката М. Неделковска од Филолошкиот факултет во Скопје.
Се препродаваат стари книги по 500 денари
Студентите кажуваат дека книга во оригинал од други студенти од претходната година може да се набави по цена од 500 денари.
- Имам пријателка која сега е трета година, а јас сум втора и од неа успеав да купам неколку книги што таа лани ги набавила. Сочувани се, само што е подвлекувано низ нив, па ми ги продаде по 500 денари. За четири книги платив 2.000 денари. Ако ги земам предвид и материјалите кои треба да ги ископирам за другите два предмети, сигурно дека трошокот ќе биде до над 3.000 денари - вели В. Стојановска, студентка на Филозофскиот факултет на УКИМ.
Но, има и книги кои на дипломираните студенти ќе им бидат од корист понатаму при работата или оригинална литература која чини повеќе, но вреди да се има во домашната библиотека. За такви примероци студентите треба да го одврзат ќесето.
Професорите онлајн им праќаат презентации на студентите
Дел до професорите имаат издадено стручна литература по која предаваат, некои книги се достапни за студентите бесплатно онлајн. Други професори им посочуваат литература која може да се пронајде по библиотеките, а некои предаваат преку презентации кои по интернет им ги праќаат на студентите.
- Презентациите станаа често користени материјали при предавањата, а потоа студентите ги копираат и од нив учат. Но, и тука имаме проблем зашто дел од повозрасните предавачи не знаат како да дадат дозвола за ПДФ-документот испратен до студентите да може да се испечати. Минатата година имавме проблем со таква презентација која одвај успеавме да ја испечатиме откако поминаа два месеца од предавањето - раскажуваат студенти од Филолошкиот факултет.
Според истражувањето на Форумот за образовани промени, објавено годинава, за литература студентите на Економскиот факултет плаќаат по 3.520 денари, на Филолошкиот 2.012 денари, на Медицинскиот факултет 6.579 денари.
Здружението на студенти по медицина по петти пат ја одржа акцијата „Подари книга“
Здружението на студенти по медицина (ЗСМ), чија цел е застапување и остварување на интересите и правата на студентите, пред две години ја почна акцијата „Подари книга”. Преку неа генерации кои завршиле некои од студиските години или дипломирале можат да им ги донираат учебните помагала на помладите генерации.
- Поради самата обемност и бројност во предмети и материјал за учење на Медицинскиот факултет, идејата за ваков проект потекнува главно од желбата да се намалат трошоците на студентите во однос на купување книги, скрипти, практикуми, атласи. Тешко е точно да се пресмета колку е вкупниот износ за сите учебни помагала потребни за една учебна година поради фактот што секоја година има различен број предмети и различна тежина на предметот. Дополнително, во првите претклинички години од факултетот има потреба од купување практикуми за вежбите по одредени предмети. Студентите имаат можност да ги купат учебниците од официјалната библиотека на Деканатот (оригинално испечатени) или, пак, фотокопирани во локалните фотокопирници за помала цена. Врз база на тоа, трошокот за учебните помагала е различен за секоја година, но секако претставува дополнителен товар за студентите - велат од Здружението на студенти по медицина.
Овој октомври по петти пат се одржа ваква акција за подарување книга. Од ЗСМ заклучуваат дека постои заинтересираност кај студентите за доброволно донирање на своите учебници. Особено голем број донации стигнуваат за учебни помагала потребни за првите три години од факултетот. Но, оваа година е намален бројот на студенти што ги подигнуваат донираните книги.