Колку навистина би чинеле недвижностите од популарните филмови и серии?

Колку навистина би чинеле недвижностите од популарните филмови и серии?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

За многу измислени ликови во сериите и филмовите, незаборавните моменти се случуваат дома.

Без оглед на тоа дали се работи за Кевин Мекалистер кој се бори против крадците во филмот „Сам дома“ или моментот кога Чендлер Бинг ја запросува Моника Гелер во серијата „Пријатели“, домовите се важна заднина во овие приказни.

Но, дали вашите омилени ликови би можеле да си ги дозволат куќите и становите денес?


Истражувачите од „Клевер“, консултантска фирма за недвижности, ги анализирале податоците за тековните плати на ликовите, цените на недвижностите, кириите, даноците на имот и стапката на осигурување за да утврдат дали ликовите од некои од најпознатите серии и филмови би можеле да живеат во нивните домови денес.

Истражувањето заклучи дека само две продукции прикажувале домови што нивните ликови би можеле да си ги дозволат: едниот дом е во серијата „Розеан“, каде што семејството Конорс живее во измислениот Ланфорд. Проценетата цена од 237.700 долари и приходот на домаќинството од 112.060 долари би му овозможило на едно семејство да го поседува тој дом денес. Друг случај е ситком-серијата „Луди 70-ти“, сместен во фиктивниот Пинт Плејс, Висконсин. Таму семејството Форман можело да си дозволи имот со проценета цена од 274.900 долари со приход од 225.750 долари.

Изнајмување да, купување не


Ликовите од филмовите „Самрак“ и „10 работи што ги мразам кај тебе“ живееле во домови што можеле да ги изнајмат, но не и да ги купат.

Во серијата „Сопранови“, куќата во Северен Клдвел, која се користела како семеен дом на семејството Сопранови, не би била прифатлива за некој што се занимава со „управување со отпад“, иако е земено предвид дека Тони Сопрано имал и друг скриен приход.

Кој во филмовите/сериите не би можел да си го дозволи домот во кој живее?


Кери Бредшо од серијата „Сексот и градот“ не би можела да си го дозволи својот измислен стан во Горен Ист Сајд со сегашната проценета месечна кирија од 5.700 долари и проценета цена од 2,77 милиони долари.

Истото важи и за Моника Гелер од „Пријатели“, за чиј стан во Вест Вилиџ би плаќала кирија од 7.500 долари, а станот би се продал за 2,65 милиони долари.

Во двата случаи, сценаријата на серијата како објаснување ја наведуваат стабилизацијата на киријата.

Извор: n1info.hr
Фото: Screenshot/YouTube