Какви резултати даде масовното тестирање на населението спроведено во Словачка?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Со месеци експертите за јавно здравје велат дека земјите треба да прават повеќе тестови за Ковид-19 за да им се помогне на луѓето да откријат дали го имаат вирусот или не, со што ќе се забави неговото ширење.
Сега, како што бројките на заразени се зголемуваат, постојат нови докази за тоа колку масовното тестирање може да им помогне на земјите.
Во Словачка, земја во која вирусот исто така растеше експоненцијално, на 31 октомври и 1 ноември владата спроведе масовно тестирање со помош на брзи тестови, проследени со задолжителен карантин за секој позитивен. Оној што ќе избереше да не се тестира, мораше да остане дома, со сертификат издаден од тој што го правел тестирањата. Земјата ги повтори тестирањата една недела подоцна, и повторно во текот на минатата недела. Придобивките се почувствуваа речиси веднаш.
- За една недела, навистина една недела, запре експоненцијалното растење на вирусот во цела земја, со опаѓање на инциденцата за половина. Две недели подоцна падна уште повеќе. Минатата недела го спроведоа и третото масовно тестирање. Мислам дека ова е најдобриот доказ што го имаме дека ова функционира - вели Мајкл Мина, професор по епидемиологија на Школата за јавно здравје при Универзитетот „Харвард“.
Пред две недели во
Словачка, стапката на репродукција на вирусот беше помеѓу 0,7 и 0,9, што значи дека секоја позитивна личност заразува помалку од една личност. Пред два викенди словачкиот министер за здравство на „Фејсбук“ напиша дека програмата за тестирање ја сруши кривата, насочувајќи ја стрмно надолу. Сепак, тој истакна дека масовното тестирање ќе мора да продолжи, во спротивно стапките повторно ќе одат нагоре. Земјата повторно ги отвори театрите, црквите и другите места за масовно собирање, секако, со намален капацитет.
Извор:
Fast Company
Фото: Screenshot/YouTube