Општо е познато дека кога се чувствуваме посрамени или кога на некој начин нашата гордост е повредена, ние поцрвенуваме. Поцрвенуваме кога нѐ фалат, но и кога нѐ критикуваат.
Овој феномен го забележал и Дарвин и во својата книга „Изразувањето на емоциите кај човекот и животните“, 1872 година, истакнал дека поцрвенувањето е „најнеобична и најчовечка“ човекова карактеристика. Поцрвенувањето, имено, се сретнува само кај луѓето.
Постојат неколку теории за тоа како настанува поцрвенувањето. Според една теорија, поцрвенувањето настанува ненадејно. Тоа е брз, спонтан емоционален одговор што не претпоставува размислување за себе. Според оваа теорија, поцрвенувањето настанува независно од социо-когнитивните способности од повисок ред, а како автоматски, ненадеен наплив на будност кога сме социјално изложени.
Според една друга теорија, поцрвенувањето е последица на когнитивната обработка на повисоко ниво. Во овој поглед, поцрвенување се јавува кога личноста размислува за себе, кога размислува за тоа како другите луѓе ја перципираат нејзината личност и кога сфаќа дека постои можност да остави негативен впечаток кај другите.
Овие две линии на размислување одразуваат широка дебата помеѓу искуствените наспроти теориите од повисок ред за самосвест.
И покрај тоа, сѐ до последниве неколку години поцрвенувањето не им го привлeкло вниманието на психолозите.
Еден од проблемите при истражувањето на поцрвенувањето е тешкотијата да се мери тоа. Традиционално, се користело снимање на фацијалната експересија, видео. Оваа техника се покажала недоволна да ја долови минливата природа на црвенилото.
Милица Николиќ од Универзитетот во Амстердам составила тим да го истражи проблемот на поцрвенувањето користејќи најсовремена технологија. Нивното интересно истражување ќе го опишам накратко.
Испитаници
Во истражувањето учествувале 63 адолесцентки на возраст од 16 до 20 години. Тие биле регрутирани од локалната студентска база на податоци од универзитетот во Амстердам, преку огласи на социјалните мрежи. Потенцијалните учесници во истражувањето дале писмена согласност дека сакаат да учествуваат во истражувањето. Во оваа фаза им било кажано дека ќе гледаат видеа преку MRI скенер
Еден дел од испитаниците биле исклучени од истражувањето затоа што не ги исполнувале условите за скенер (на пр., носеле постојан пирсинг, а еден друг дел поради грешки при собирањето на податоците), така што конечната мостра се состоеше од 40 испитаници од женски пол. Учесниците во истражувањето добиле компензација (30 евра или три студентски кредити) за нивното учество во истражувањето.
Како течело истражувањето
Во психолошката лабораторија испитаниците биле повикани два пати. При првата посета од испитаниците се барало да пеат караоке и им било речено дека нивното пеење се снима. Тие биле поставени пред голем екран и додека ја пееле песната, ја слушале мелодијата преку слушалки, а стиховите ги гледале на екранот. До екранот била поставена камера, која го снимала горниот дел од телото и лицето на испитаникот. Испитаниците пееле четири песни кои биле избрани затоа што биле популарни кај тинејџерите и затоа што од неколку музички експерти биле оценети како многу тешки за пеење, што требало да обезбеди испитаниците да се засрамат од своето пеење. Покрај тоа, во лабораторијата бил поканет професионален пејач кој бил приближно на иста возраст како испитаниците и кој ги пеел истите песни. Испитаниците не знаеле дека тоа лице е професионален пејач и од нив бил третиран како еден испитаник во истражувањето.
На втората посета на лабораторијата испитаниците биле подложени на сесија на fMRI (скенер за функционална магнетна резонанса).
Додека испитаниците биле на скенер, тие гледале видео од своето пеење, од пеењето на другите учесници во истражувањето, како и од пеењето на професионалниот пејач. За време на експерименталната задача во скенерот, постојано била мерена температурата на левиот образ на испитаниците за да се процени нивното руменило.
За да се зголеми засраменоста на испитаниците, дополнително им било кажано дека, во исто време, другите учесници ги гледаат нивните видеа во соседните скенери.
Покрај податоци од магнетната резонанса за активноста на мозокот, добиени се и голем број други податоци. Испитаниците требало да пополнат повеќе прашалници кои мереле разни психолошки карактеристики.
За секој субјект биле собрани и голем број други психолошки податоци, а за обработка на овие податоци биле користени повеќе статистички постапки.
Што значат добиените резултати
Наодите покажале дека црвенилото е поврзано со активирање на мозочните области вклучени во емоционална возбуда, што сугерира дека тоа може да се појави независно од социо-когнитивните процеси од повисок ред.
За време на последователни посети на лабораторијата, на испитаниците им била мониторирана температурата на образите и им била направена магнетна резонанса на мозокот додека гледале извадоци од сопственото пеење, сегменти од пеењето на другите учесници, за кои тимот сметал дека се со слична способност за пеење, а исто така и професионален пејач, за кој им било кажано дека е учесник во истражувањето.
Кога тимот ги анализирал податоците за температурата на образите, открил дека испитаниците поцрвенувале повеќе кога се гледале себеси како пеат отколку кога гледале некој друг. Накратко, руменило се случува кога ние самите сме изложени.
Понатаму, од истражувањето произлегува дека испитаниците кои повеќе поцрвенеле додека се гледале како пеат, имале зголемена мозочна активност, што пак укажува на зголемено емоционално возбудување и внимание. Овие наоди покажуваат дека црвенилото е поврзано со активирање на мозочните области вклучени во емоционална возбуда, што сугерира дека тоа може да се појави независно на социо-когнитивни процеси од повисок ред.
Генерално, пишува тимот, овие резултати ја поддржуваат теоријата дека поцрвенувањето е предизвикано од ненадеен наплив на будност кога сме социјално изложени - не, како што предложил Дарвин, последица на размислување за тоа што другите би можеле да мислат за нас.
Ова беше поткрепено со дополнителна анализа на податоците од два прашалници, пополнети од испитаниците, кои ги испитувале нивните нивоа на срам додека биле во скенерот и нивните нивоа на социјална анксиозност надвор од скенерот. Ако испитаниците што биле социјално поанксиозни или се чувствувале особено засрамени, поцрвенеле повеќе, тоа би можело да сугерира дека размислувањето за тоа што другите мислат за нас би предизвикало црвенило, но тимот не нашол такви врски.
Да резимирам. Најважен заклучок од ова истражување, наведува тимот, е дека овие резултати ја поддржуваат теоријата дека поцрвенувањето е предизвикано од изненаден наплив на будност кога сме социјално изложени.
Испитаници во оваа студија биле млади возрасни жени, па луѓе од различна возраст или пол, можеби различно би реагирале.
Овие резултати можат да се гледаат и во поширок контекст: тие ни помагаат да разбереме што предизвикува црвенило кај возрасните и, исто така, тие имплицираат дека со следење на температурата на образите може да се истражува самосвеста кај бебињата, па дури и кај животните.
Трудот изворно може да се види на: Nikolić M, di Plinio S, Sauter D, Keysers C, Gazzola V. 2024 The blushing brain: neural substrates of cheek temperature increase in response to self-observation. Proc. R. Soc. B 291: 20240958.
Автор: проф. д-р Томе Николоски, редовен професор во пензија