На дно од пирамида пронајдена застрашувачка зелена маска стара 2000 години
Археолозите постојано откриваат фасцинантни артефакти, а повремено се појавуваат наоди кои не само што носат ново знаење, туку и ја поттикнуваат имагинацијата на пошироката јавност. Едно такво откритие се случило во 2011 година на археолошкиот локалитет - Пирамидата на сонцето во Теотихуакан, еден од најимпресивните споменици во Мексико.
Пирамидата на сонцето, која се проценува дека била изградена околу 100-тата година од нашата ера, е централниот дел на античкиот град Теотихуакан. Овој поранешен урбан центар имал население до 200.000 жители во врвот на своето постоење, но многу работи за неговите градители остануваат непознати, вклучувајќи ги дури и нивните имиња. Астеците му го дале познатото име на овој град, неколку века подоцна.
За време на ископувањата во 2011 година, истражувачи од Мексиканскиот национален институт за антропологија и историја користеле тунел ископан од археолозите уште во 30-тите години за да го достигнат нивото на матичната карпа под пирамидата. Иако локацијата била релативно сиромашна со наоди, археолозите пронашле различни интересни артефакти, вклучувајќи фрагменти од керамички садови, животински коски и три човечки фигурини.
Најголемо внимание привлекла зелената маска. Она што го прави посебно ова откритие е фактот што маската, која има исклучително реални црти на лицето, никогаш досега не била пронајдена на тој простор, особено не во ритуален контекст. Експертите веруваат дека сите пронајдени артефакти се дел од церемонија за време на инаугурацијата на пирамидата. Поради прецизната изработка, се претпоставува дека маската може да претставува портрет. Но, која е личноста прикажана на маската, останува мистерија.
A 2000 year old green serpentine mask found at the base of a pyramid in Mexico
byu/Luciphyr729 ininterestingasfuck
Се разбира, современите набљудувачи не ја пропуштиле можноста да направат споредба. На социјалните мрежи маската веднаш предизвика асоцијации со познатиот филм од 1994 година „Маска“ со Џим Кери во главната улога.
Покрај маските, откритијата под Пирамидата на сонцето ја отвораат вратата за идни истражувања. Вероника Ортега, директорка на проектот, ја истакнува важноста на овие комплекси.
- Овие големи церемонијални приноси го формираат светото срце на градот Теотихуакан, причината зошто сите го сметаа за мека на цивилизацијата. Она што е во нив може да помогне да се разоткрие односот на оваа древна метропола со другите региони на Мезоамерика - рекла Ортега.
Теотихуакан, и покрај неговото значење, останува енигма. Причините за неговото напуштање, како и деталите од секојдневниот живот на неговите жители, сè уште се обвиени со мистерија.
Извор: klik.hr
Фото: Wikipedia