Рускиот дрон „гербера“ е најновата закана за воздушната одбрана на Украина

Рускиот дрон „гербера“ е најновата закана за воздушната одбрана на Украина

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Од почетокот на инвазијата Русија се обидува да ја победи Украина со разорни ракетни и беспилотни напади врз клучни воени цели и инфраструктура. Иако украинската противвоздушна одбрана ефикасно спречува катастрофални штети, нов предизвик претставува евтиниот руски дрон „гербера“.

„Гербера“ е многу евтин и едноставен дрон, што го прави ефикасна мамка при воздушни напади. Не само што Украина треба да потроши важни воени ресурси за него, туку тој им дава на Русите важни информации за овие системи.

Што е „гербера“?

Руската армија почна да го користи овој нов дрон летово. Тој е сличен по форма, но малку помал од иранските беспилотни летала „шахед-136“. Украинските сили неодамна пронајдоа еден таков дрон и го проучуваа за подобро да ја разберат неговата улога во руските операции. Телото на дронот е направено од полистирен и иверка наместо од алуминиум или композитни материјали типични за воените дронови. Користи комерцијално достапна електроника и компоненти кои често се наоѓаат во други руски воени системи. Иако носи помалку експлозиви од дронот „шахед-136“, „гербера“ е значително поевтин - некои проценуваат дека чини една десеттина од цената на „шахед“.

Од средината на јули Русија ги користи овие беспилотни летала во своите стратешки ударни пакети, заедно со беспилотните летала „шахед“. Иако сè уште не е јасен точниот број на беспилотни летала „гербера“ што се користат, нивното воведување значително го зголеми бројот на дронови што Русија ги лансира. Украина одговори на ова зголемување со силна мрежа на кинетички и некинетички системи за воздушна одбрана. Кинетичките системи уништуваат беспилотни летала со истрелување проектили, а се надополнуваат со некинетички системи.

Мамка за исцрпување на украинските ресурси

Вистинската вредност на „гербера“ лежи во неговата улога на мамка бидејќи дронот може да ги совлада кинетичките системи за воздушна одбрана кои можат да соборат ограничен број цели во дадено време. Зголемувањето на бројот на потенцијални цели ги принудува системите да одлучат кои цели да ги елиминираат. Ова е причината зошто противвоздушната одбрана може да го собори евтиниот и лесен „гербера“, а не подеструктивниот дрон „шахед-136“: радарот не ја гледа разликата помеѓу двете беспилотни летала.

Во средината на ноември Институтот за проучување на војната ја наведе улогата на „гербера“ како мамка за намалената ефикасност на украинските системи за воздушна одбрана. Овие беспилотни летала вршат и дополнителен притисок врз веќе ограничените одбранбени ресурси на Украина. Ниската цена и едноставноста ѝ овозможуваат на Русија да ги произведува во големи количини. Украина мора да потроши оружје за да го неутрализира секој распореден дрон, откривајќи ги нивните позиции и станувајќи ранлива на руските напади. Украина доби многу од овие системи од нејзините сојузнички земји. Иднината на таквата помош во моментов е доведена во прашање, што ја става Украина во ризик од пребрзо користење на постојната противвоздушна одбрана.
 
Со секој нов дрон, Русите веројатно ги приспособуваат контролните и навигациските системи за да ја тестираат украинската одбрана. Кога украинските системи за електронско војување ќе успеат да го неутрализираат „гербера“, Русите можат да добијат клучни информации за можностите на украинската опрема и потоа да ги модифицираат беспилотните летала за следниот напад.

Лекции од Втората светска војна

Приказната за дронот „гербера“ има многу паралели со Втората светска војна, во која Советите користеа евтини авиони заедно со понапредните борбени авиони во битките против германскиот „луфтвафе“. Тие авиони, произведени во огромен број, беа технолошки инфериорни во однос на германските авиони, но успеаја да го совладаат непријателот исклучиво благодарение на количината. „Гербера“ го прикажува токму овој принцип на исцрпеност преку едноставност и волумен. И покрај неговата технолошка едноставност, овој нов руски дрон ги постигнува своите цели.

Извор: forbes.n1info.hr

Фото: Telegram screenshot via Forbes