Женски кошаркарски клуб од Петровец реди успеси во Прва лига. Приказната за Сара, Маида, Ангела, Амина, Мејра, Стефанија... ги топли срцата

Женски кошаркарски клуб од Петровец реди успеси во Прва лига. Приказната за Сара, Маида, Ангела, Амина, Мејра, Стефанија... ги топли срцата

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Беше навистина големо задоволство да се слушаат девојките како со огромна жар зборуваат за кошарката, натпреварите, другарството

Сара, Анастасија, Матеа, Нејла, Тамара, Мартина, Ива, Хикмета, Тамара, Маида, Ангела, Амина, Мејра и Стефанија... Ова се девојките од женскиот кошаркарски клуб „Пантери“, кои до пред неколку години не знаеле ништо за овој спорт, а сега редат успеси во Првата женска кошаркарска лига и ги разбиваат предрасудите во нашето мултиетничко општество. Сите живеат во различни села во Општина Петровец, а почнале со тренинзи во Основното училиште „Кочо Рацин“. Дел од нив, кои сега играат во Првата лига, веќе учат во повеќе средни училишта во Скопје.

„На периферија од Скопје постои спортска екипа која игра во Првата кошаркарска лига, и тоа жени - во Петровец“. Ова е најчестиот коментар што го добиваат тренерите и девојките кога ќе се појават на натпревар.


Сениорките играат во прва лига


Сѐ почнало по пријавувањето на неколку девојчиња од страна на наставникот по физичко на натпреварите на мали олимписки игри на Град Скопје.
- Отидовме без никакви амбиции и првпат со девојчиња, а освоивме трето место во Скопје. И тоа за 2 поена не влеговме во финалето. Така почна сѐ, прво неколку тренинзи, за по кратко време да почнеме со гостувања низ Македонија и по неколку пати во месецот. Лани имавме и три гостувања во Србија. Ги пречекавме кај нас „Плeј 017“ од Србија и „Академија Бремен“ од Германија, а од трибините гласно нè бодреа 100 навивачи - вели Маја Стојановска, професорка по англиски јазик во „Кочо Рацин“, која заедно со перспективните тренери Борис Димовски и Стефан Трајковски е заслужна за постоењето на оваа екипа.

На прашањето зошто за децата од Петровец го одбрале клубот „Пантери“, Стoјановска вели:
- За нив имавме слушнато и знаевме дека се екипа која работи со млади категории на кошаркари. Тие ги имаа сите потребни документи и контакти за да се натпреваруваме во лига. Во „Пантери“ првите кошаркарски чекори ги направија репрезентативците на Македонија, Бојан Крстевски од МЗТ, Љубомир Младеновски од „Работнички“, Ема Никочевиќ, Ана Петровска...


Младинките учат од сениорките


Беше навистина големо задоволство да се слушаат девојките како со огромна жар зборуваат за кошарката, натпреварите, другарството.
Kога ќе ги прашате зошто е убаво да се биде дел од „Пантери“, сите прво одговараат: „Другарството“. Во клубот има Македонки, Албанки, Бошњачки, Влаинки... Возрасните има многу што да научат од овие деца, кои спортот ги зближил толку многу, што сега се како сестри. И верските празници ги слават заедно, учат за културата на другиот, а поднаучиле и понекој збор на друг јазик.

За оваа убава приказна од Македонија, која ги топли срцата, разбравме од нивната професорка по англиски јазик, Стојановска, која потенцира дека вистинска реткост е да се соберат деца од различни села, од различни националности, да се одржуваат редовни тренинзи, да се убедат родителите дека ова е уникатна шанса за нивните деца.
- Во 2015 година во декември почнаа со тренинзи. Во тимот има деца од различни националности, но она по што се посебни е силното пријателство што го развија. Функционираат како семејство. Кога видовме колку добро се согласуваат на тренинзите, решивме да им организираме и кампови, па сега одат и во зима и во лето. Прекрасно е таму, се дружат, тренираат - објаснува Стојановска.


Пантерките со професорката Стојановска и Ирена Станковска

Сениорките веќе играат во Прва лига. Првиот поголем успех им бил на натпреварите на основните училишта.
- Освоивме трето место, без опрема, по една и пол година постоење. Се натпреваруваме со тимови од по 30 деца кои тренирале кошарка неколку години. Во нашата екипа беа само 10, а играа неуморно.
Годинава имаат добри резултати и во натпреварите од Прва лига.
- Досега имаме победено на 3 натпревари. За жал, насочувањето кон спорт е една од вредностите што ги изгубивме во општеството. За овие деца спортот е дружење, мултиетничка интеграција, учат за верските празници, за културата на сите етнички заедници што живеат во Македонија. Одат на гости едни кај други. Целта на тие кампови на кои ги носиме е ако заедно јадат, спијат заедно, ќе се борат и на терен. Тоа, всушност, го постигнуваме - вели Стојановска.




Тренерите објаснуваат дека девојките имаат по четири тренинзи неделно од по два часа. Велат дека ништо не им е напорно, но и дека Првата лига е сериозна работа.
- Побаравме помош и од една девојка, поранешна кошаркарка и „пантерка“. Се вика Ирена Станковска и ги бодри девојките како на тренинзи така и на натпревари.
Голем дел од девојчињата воопшто немале интерес за тренирање кошарка. Некој се пријавил за тимот бидејќи му било досадно, некој зашто сакал да види како ќе функционира во тим...

Амина Личина е ученичка во трета година во скопското средно училиште „Марија Кири Склодовска“. Вели дека почнала да тренира пред 4 години.
- Немав никакви познавања од кошарка, буквално никакви. Искрено, почувствував потреба да се занимавам со некој спорт, па кога споменаа дека ќе се прави женска екипа, си реков да пробам. Немам кошаркари во фамилија. Покрај придобивките за здравјето, дружењето со девојките ми е најважно. Како сестри сме. Сега играм во прва постава, во прва женска лига и имам огромна поддршка од семејството - вели таа.


Амина Личина е ученичка во трета година во „Марија Кири Склодовска“.

Ангела Стојановска исто така почнала да тренира пред 4 години.
- Исто како и поголемиот дел од девојките, немав никаква врска со кошарка, а во тимот сум од самите почетоци. Сега имам преголема желба да играм и да се натпреварувам. Најубаво од сѐ ми е другарството, станавме многу блиски, сите сме како едно кога играме - вели Ангела.



Ангела Стојановска исто така почнала да тренира пред 4 години.

На сите ученици би им порачала да се занимаваат со спорт зашто така ќе постигнат многу во животот, вели Хикмета Браими, која учи во средното „Цветан Димов“ во Чаир.
- И јас многу брзо се вклопив во друштвото. Сите зборуваме колку добри пријателки станавме, но тоа е навистина најубавиот момент во целата приказна. Почна многу да ми се допаѓа кошарката, иако не мислев дека ќе бидам кошаркарка. Веќе постигнуваме успеси, а тоа ни е голема мотивација. На натпреварите, секако, најважно ни е да победиме - вели Хикмета.


Хикмета Браими учи во средното „Цветан Димов“ во Чаир.

Наставничката Стојановска додава дека имаат многу планови за иднината, за гостувања во странство, за ангажирање една кошаркарка од странство, со што повторно би биле уникатни во Првата лига.
- Се надеваме и на покана за настап за некоја наша кошаркарка во репрезентацијата на Македонија во иднина.

Фото: Борче Поповски