Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
Со првиот настап уште на деветгодишна возраст, на приредба во Пионерскиот дом во Битола, беше лансирана една од најуспешните поп-приказни кај нас, која сѐ уште трае и се вика Каролина Гочева. Несомнено заслужен носител на епитетот поп-дива, Каролина успешно плива низ генерациските музички трендови, а секој нејзин настап е своевидно стискање на копчето „refresh“, каде што освен верните обожаватели, се појавуваат нови млади лица кои уживаат во нејзината музика.
- Првиот јавен настап мислам дека ми беше приредба организирана за 29 Ноември од страна на Пионерскиот дом и паметам дека ја пеев „Like a prayer“ од Мадона, која тогаш ми беше омилена песна, а со неа некој месец подоцна настапив и на тогаш многу познатата детска ТВ-емисија „Шарам барам“. Имав 9 години. Тремаџија сум била отсекогаш и тоа до денес не е сменето, но сега веќе умеам некако да си ја контролирам и не дозволувам да ме обзема (освен понекогаш) - вели Каролина.
фото: Дарко Мораитов, Коста Дупчинов, „Фемина.мк“
„Ајде да летаме“, „Хипокрит“, „Од нас зависи“, „И ќе биде сѐ во ред“ се дел од листата со хитови што Каролина ги испеа низ годините. Таа двапати ја претставуваше Македонија на Евровизија, во 2002 и 2007 година, и зад себе има 11 студиски албуми.
- Има повеќе, и тоа од најразлични жанрови. Да тргнеме од „Ајде да летаме“, која е снимена во 2000 година, па „Хипокрит“ (за која до пред некоја година не ни бев свесна дека била хит), па „Од нас зависи“, песна која многу ја сакам, а која неславно помина на Евровизија 2002, но тоа очигледно не значи ништо, па до ден-денес со задоволство ја пеам на настапи, секогаш во хорска придружба од публиката. Понатаму „Не се враќаш“ и мојата најсакана „Капка под небото“. Сѐ до последните албуми со мојот долгогодишен соработник Никола Мицевски, каде што се посветивме на традиционалниот македонски звук искомбиниран со модерни правци, па се родија и „Две лири“, која ја пеат буквално од 7 до 77 години, „Ѕвона“, „Бели цветови“… сигурно сум заборавила уште некои, но тоа не е битно, најважно ми е што кога последниве години ги изведувам најдобрите нумери од сите 20 и кусур години зад мене, публиката ги пее со мене на концертите од почеток до крај.
фото: Дарко Мораитов
Како девојче пекав по новите албуми на Мадона, Витни...
Каролина ја засакала музиката уште како мало девојче во Битола, каде што нејзините родители ја носеле да ги гледа тогашните југословенски поп-ѕвезди што гостувале. Тој период Каролина почнала да оди во нижото музичко училиште, откако домашните веќе ја препознале нејзината голема љубов кон музиката, особено бидејќи не престанувала да ги моли да ѝ го купат секој нов албум на нејзините тогашни идоли Витни Хјустон, Мадона, Синди Лопер.
- Се сеќавам дека во 80-тите години, сѐ уште во време на Југославија, постојано имаше турнеи на тогашните екс-ју поп-ѕвезди и паметам дека моите родители не пропуштаа можност да нѐ однесат кој и да настапуваше во Битола. Исто така, помнам и дека секој „Макфест“ и Евровизија за мене беа посебно доживување и со посебно внимание ги проследував, а неретко и ги снимав на видеокасета за потоа да можам да си ги научам омилените песни. Исто така, се купуваше секој нов албум на моите омилени изведувачи, па се сеќавам дека уште како 6-7-годишно девојче пекав по новите албуми на Мадона, Витни, Синди Лопер... и уште ги паметам повеќето песни од тоа време од почеток до крај.
Најраните сеќавања ми се поврзани со музиката. Имав и други интереси, но желбата за музика доминираше, на 6 години бев дел и од Пионерскиот дом во Битола и дел од приредбите што се организираа за различни празници, а тогаш ме запишаа и во нижо музичко затоа што имав огромна желба да свирам на пијано. Мислам дека никој од моите дома не ми влијаел, но секако ја охрабруваа мојата желба откако забележаа дека има основа за тоа. Инаку, во моето семејство никој не се заинтересирал особено за музика, освен како љубител, а доминантна професија е медицината, со оглед на тоа дека и сестра ми (офталмолог) тргна по стапките на татко ми (анестезиолог), а мајка ми е технолог во пензија. Единствено мајка ми тврди дека нејзиниот татко многу убаво пеел, па ете можеби од него сум наследила.
фото: Дарко Мораитов
Самодовербата никогаш не ми била силна страна
Нејзиниот дебитантски настап на „Макфест“ со само 11 години е моментот кога и пошироката јавност дозна за Каролина. Како средношколка, таа веќе на големо настапувала на фестивалите низ Македонија и на некои меѓународни, период за кој вели: „Може да се каже дека веќе бев популарна, барем во генерацијата.“ Каролина, сепак, си го задржала типичниот средношколски ритам, каде што на прво место ѝ биле другарките и вечерните излегувања, кои тогаш почнале да се случуваат, така што секој петок било борба со нејзините родители за 5 минути плус дозвола за излез.
- На само 11 години првпат настапив на „Макфест“, откако претходно ме забележаа на „Си До“ (детски фестивал), но некако не замислував дека тоа ќе биде професија што ќе ја работам активно и ќе живеам од неа и професија која, како и секоја друга, ќе ми донесе и премногу убави, но и помалку убави моменти и искуства. Основно училиште учев во Битола, а најинтересни предмети ми беа историја, географија и секако странски јазици, па тој интерес ме држеше и подоцна се запишав на Филолошки факултет. Нормално дека бев дел од училишниот хор, но се срамев да настапувам како солист. Едноставно самодовербата никогаш не ми била силна страна, особено во тоа време кога бев само малечко девојче со големи желби.
Нижо музичко се запишав во прво одделение. Музичкото училиште во Битола уште тогаш беше еден многу сериозен расадник за таленти, познато е дека таму средно заврши и нашата најголема музичка легенда Тоше Проески, а и еден куп други имиња особено од класичната сфера, па отсекогаш се сметала за институција за почит. Средно учев во „Јосип Броз-Тито“ во Битола и се запишав таму затоа што во него се запишуваа сите другарки, таму учеле моите родители, а и беше најпопуларното училиште. А тоа се најважните причини кога имате 14, 15 години.
фото: Коста Дупчинов
Обожавам студиска работа, но концертите се посебна магија
Како човек што тешко излегува од својата комфорна зона, барем самата така вели, Каролина не лесно се решава за воведување промени во нејзината кариера. Таа постојано собира идеи за свое авторско дело, кое се надева дека во блиска иднина ќе се оствари, а засега им останува верна на обожавателите нудејќи им најдобри моменти на секоја концертна изведба.
- Имам многу идеи кои се насобрале низ годиниве и сите ми се документирани (засега само за себе), па мислам дека во некоја блиска иднина ќе се охрабрам да снимам нешто свое, авторско. Јас сум човек кој доста тешко излегува од комфорната зона. Познавачите на астрологијата ќе кажат „тоа ти е од бикот“, а јас ќе кажам „не знам од што ми е“, но не можам против тоа! Едноставно, ми треба повеќе време да направам некаква промена или да појавам некој нов аспект од себеси, но не чувствувам потреба да го менувам темпото. Сѐ повеќе му верувам на внатрешното чувство.
- Обожавам студиска работа и секогаш ми е меѓу омилените активности, но концертите се посебна магија. Сакам да бидам дел од креативниот процес и секогаш преземам сѐ околу тоа како би изгледале концертите, кои песни ќе се пеат, по кој редослед, пренесувам свои идеи околу аранжманите и сл. Делот зад сцената знае да биде многу забавен и исполнет. Сум настапувала, гостувала, соработувала со некои од најголемите имиња на овие простори, тргнувајќи од нашите Тоше, Влатко, Калиопи, Владо… Еве и последниот проект/албум, кој се надевам дека наскоро ќе излезе, е со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски, како и песната која последно ја објавивме со Бранко - Пијан Славеј. Бев дел од повеќе хуманитарни кампањи низ регионот, би ја споменала таа од 2006 година во Хрватска заедно со Аки Рахимовски, како и кампањата од 2010 година за борба против рак на грло на матка заедно со Маја Сар, Александра Радовиќ и Нина Бадриќ.
Веројатно заборавам нешто еднакво важно од мојата кариера, но ќе има и друга можност да се потсетиме.
фото насловна: Дарко Мораитов