Сите анализи досега, како на хемискиот состав така и на дневните и сезонски варијации на загадувачките компоненти, јасно укажуваат на фактот дека епизодите на високо загадување се јавуваат речиси исклучиво во зимските месеци
Високо загадување со цврсти честички се јавува во речиси сите урбани средини во Македонија, најмногу во текот на грејната сезона, кога нема ветар и врнежи. Иако ниту еден од градовите покриени со нашата мониторинг-мрежа не ја надминува дозволената просечна годишна концентрација од 40 µg/m3 и загадувањето во другите месеци е релативно ниско, при подолги периоди на стабилна атмосфера и појава на температурна инверзија се јавуваат високи концентрации на суспендирани честички. Често достигнуваат и драматични нивоа, опасни за сите категории граѓани, а особено за луѓето со белодробни и срцеви заболувања, децата и постарите лица, вели проф. д-р Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и раководител на Лабораторијата за животна и работна средина „Амбикон“, која работи во рамките на УГД. Во интервјуто за Факултети.мк тој објаснува со какви апарати се мери загадувањето на воздухот, што велат анализите, каков воздух дишат граѓаните на Македонија.
Лабораторијата „Амбикон“
Колку години постои Лабораторијата за животна и работна средина „Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип?
- Во разни форми функционира повеќе од една деценија, прво во рамките на Рударско-геолошкиот факултет, сега на Факултетот за природни и технички науки при УГД-Штип. Во сегашниот формат со кратенката АМБИКОН (контрола на амбиент) е формирана во 2014 година, а процесот на акредитација како лабораторија за тестирање согласно ISO 17025 е комплетиран во средината на 2015 година. Лабораторијата е акредитирана за контрола на квалитативните и квантитативните параметри на амбиентот во реални услови и време, одредување на нивоата на персонална изложеност на загадувачи и испитување на морфологијата и хемискиот состав на разни материјали. Целосно е опремена со софистицирани мерни уреди и системи, кои постојано се унапредуваат. Соработуваме со голем број сродни научни институции во земјата и во странство и со реномирани индустриски и сервисни компании базирани во Македонија, Србија, Бугарија и во Албанија.
Поконкретно што значат кратенките PM10 и PM2,5?
- Сите ситно-зрнести честички што во одредени услови може да лебдат во воздушната средина и постепено да се таложат под дејството на гравитацијата, според дефиницијата на IUPAC (1990), со заедничко име се нарекуваат суспендирани честички или аеросоли. Вообичаено во воздухот се јавува сложена смеса на органски и/или неоргански честички, во цврста или течна состојба, од природно или антропогено потекло. Појавите на зголемени концентрации на овие честички кои се видливи со око се познати како прашина, чад, магла, саѓи, смог... Токму според својствата и ефектите што овие честички ги имаат врз изложените организми, тие се делат на две основни (групи):
Дел од честичките што ги вдишуваме, а не се видливи со голо око
- фракција PM10 или честички со аеродинамички дијаметар помал од 10 микрометри, кои влегуваат во горниот дел од респираторниот систем, а најчесто се составени од механички иситнети цврсти честички, полен и спори;
- фракција PM2,5 или „фина“ фракција на честички со аеродинамички дијаметар под 2,5 микрометри (µm), а кои може да навлезат дури до бронхиолите и алвеолите во белите дробови, поради што и се сметаат за поопасни за човековото здравје. Најчесто оваа фракција содржи честички добиени од разните процеси на согорување.
Како се вршат мерењето и анализата на овие честички?
- Суштински, се разликуваат два основни пристапа при мерењето на амбиентни концентрации на суспендираните честички. Кај стандардниот или гравиметриски метод за одредување на концентрациите на суспендираните цврсти честички се користат специјални уреди за земање примерок од воздухот, во кои амбиентниот воздух поминува низ посебно дизајниран влезен отвор со можност за селекција на големината на честичките (2,5 или 10 µm) при константен проток, a честичките се собираат на филтер за познат период од 24 часа. Притоа прецизно се мерат амбиентните параметри (температура, влажност и притисок) и протокот низ системот. Масата на собраните честички се одредува со мерење на филтерот во контролирани лабораториски услови, пред и по изложување на филтерот. Врз основа на добиените резултати се врши пресметка на просечната концентрација на суспендираните честички за период од 24 часа, која се изразува во микрограми на кубен метар (µg/m3). Целиот овој процес бара користење на многу прецизна опрема, а сите постапки и прeсметки се строго дефинирани со референтниот стандард ISO 12341:2014. Овие постапки во основа се користат за научни истражувања и дополнителни анализи на одредени параметри бидејќи обезбедуваат можност за понатамошна анализа на суспендираните честички (морфологија, структура, хемизам). Бидејќи стандардните мерења се во основа комплексен процес и треба да се добијат податоци во реално или приближно реално време, другиот пристап подразбира постапки на мерења кои во основа се базираат на директно читање на концентрацијата на суспендирани честички со помош на прецизни оптички методи (ласерски нефлометри, спектрометри,...) или монитори со апсорпција на бета-радијација (BAM) и комбинации од овие методи. Инструментите базирани на овие методи вообичаено се опремени со системи за подготовка на влезниот воздух (контрола на влажноста и температурата), сензори за амбиентните параметри и со уреди за складирање и трансфер на податоците. Вакви системи се користат во државната мониторинг-мрежа, со тоа што нивните мерни уреди имаат докажана еквивалентност со референтниот стандарден метод на мерења.
Дел од апаратите за мерење на загадувањето
Објаснете ни со што се мери загадувањето?
- Во рамките на нашите активности и во директна соработка со индустријата беа разработени комплетно нови системи за мерење на концентрациите на суспендирани честички во реално време, но со многу помала цена, компактни димензии и висока прецизност. Во нашите станици се користат оптички системи за мерење (ласерски нефлометри) од реномираниот американски производител METONE, сертифицирани согласно MCERTS за индикативен мониторинг на суспендирани цврсти честички, а сите се опремени со системи за подготовка на влезниот воздух, интерна калибрација, амбиентни сензори и системи за складирање и трансфер на податоци. Вообичаено се опремени и со комплетни метеоролошки сензори, што ги прави многу практични и употребливи за широк спектар на мерења и анализи за научни цели, контрола на индустриските капацитети, мониторинг во урбани средини итн. Овие уреди повеќе од три години се во континуирана употреба, со постојани промени и усовршувања на дизајнот и компонентите кои исклучиво се од реномирани производители од ЕУ и САД. Во моментот повеќе од 10 станици се активни во разни индустриски зони и урбани средини. За да обезбедиме база на податоци за научни истражувања и да се подобри мониторингот во урбаните средини каде што нема или е недоволно развиена државната мониторинг-мрежа, нашата лабораторија во целосно некомерцијална соработка со локалните самоуправи постави неколку мониторинг-станици во последните две години, вклучително во Штип, Кавадарци, Струмица и од скоро во Прилеп, а се вршат подготовки за поставување и во Берово. Сите податоци што се собираат од станиците во урбаните средини се обработуваат и презентираат на нашиот
ambisite.ugd.edu.mk или преку популарната апликација „Мој воздух“.
Филтер од загаден воздух на примерок од Скопје
Какви информации добивате од анализите? Што дишат граѓаните во Македонија?
- За жал, може да констатираме дека досега собраните податоци го потврдуваат повеќе или помалку познатиот факт, дека епизоди на високо загадување со цврсти честички се јавуваат во речиси сите урбани средини (со мали исклучоци) и тоа речиси исклучиво во текот на грејната сезона, во периоди на стабилни атмосферски услови (без ветар и врнежи). И иако ниту еден од градовите покриени со нашата мониторинг-мрежа не ја надминува дозволената просечна годишна концентрација од 40 µg/m3 и загадувањето надвор од зимските месеци е релативно ниско, кај сите (со исклучок на Штип) при подолги периоди на стабилна атмосфера и појава на температурна инверзија се јавуваат високи концентрации на суспендирани честички. Често достигнуваат и драматични нивоа, опасни за сите категории граѓани, а особено за луѓето со белодробни и срцеви заболувања, децата и постарите лица. Во Штип, поради специфичната положба, периодите на стабилна атмосфера се многу ретки и краткотрајни, што условува подобра дисперзија на загадувачките компоненти и нивни ниски просечни вредности.
Ова го вдишуваме
Според хемискиот и минерален состав и концентратот на честичките, може ли да се лоцира од каде доаѓаат најголемите загадувања?
- Сите анализи досега, како на хемискиот состав така и на дневните и сезонски варијации на загадувачките компоненти, јасно укажуваат на фактот дека епизодите на високо загадување се јавуваат речиси исклучиво во зимските месеци, во текот на грејната сезона, при што компонентите кои се производ на согорувањето на биомаса (дрва за огрев) доминираат во составот. Слични податоци прикажуваат речиси сите достапни извештаи и студии на МЖССП, УНДП, Град Скопје и научните институции во последната деценија. На пример, во студијата на Финскиот метеоролошки институт и МЖСПП, проценети се емисиите од одредени сектори (за 2014 година) во Скопскиот Регион, при што е дефинирано дека дури 91 % од вкупните емисии на РМ 10 доаѓаат од греењето на домаќинствата. Ваквата е состојбата во речиси сите урбани зони во Македонија. Мерењата недвосмислено го покажуваат тоа. Ова не значи дека другите сектори, како индустријата, енергетиката и сообраќајот, не загадуваат и не треба да се прават напори за контрола и намалување на емисиите од нив, туку само дека епизодите на високо загадување во нашите урбани средини се доминирани со емисиите од согорувањето на биомаса (греењето на дрва). Мерките на редукција во тој правец би имале значаен ефект врз подобрување на состојбите.
Пред нецел месец во Прилеп беше поставен првиот мерач на загаденоста на воздухот. Првите бројки беа фрапантни. Зошто?
- Станицата во Прилеп беше поставена непосредно пред новогодишните празници и се работи за комплетно нов систем кој доаѓа со фабричка калибрација и стандарден „К“ корективен фактор. Имено, во зависност од потеклото, суспендираните цврсти честички имаат различни карактеристики, поради што на оптичките мерачи им е неопходно приспособување за различни доминантни видови прашина (минерална прашина, прашина од процеси на согорување...), поради што и системите имаат предвиден ваков фактор кој се дефинира врз основа на локалните услови. За да се добие тој фактор, потребни се дополнителни мерења кои ќе бидат извршени со референтни методи во наредниот период од најмалку 40-ина дена. Какви било прогнози за вредноста на корективниот фактор, посебно во периоди на екстремни услови какви што без сомнение се јавија минатиот викенд, не само во Прилеп, туку и во сите котлини во Македонија, се благо кажано неблагодарни. Иако какви било оцени на квалитетот на воздухот во урбаната зона на Прилеп врз основа на досегашните мерења се практично невозможни, може да се спомене дека првичните резултати од мерењата се во рамките на вредностите измерени на урбаната станица Битола 2, што е и за очекување бидејќи двете урбани зони се дел од истата котлина.
Апаратите во лабораторијата
Држи ли вода ставот на одговорните дека кредибилни се исклучиво мерењата на Министерството за животна средина и просторно планирање?
- Кредибилен можеби не е најдобар опис, но меродавни сигурно да. МЖСП ја управува единствената мрежа за мониторинг со исклучиво референтни методи на мерење на сите загадувачки компоненти (а не само на суспендираните честички) и иако можеби мрежата не е со најсоодветна покриеност и кондиција на опремата, сепак, инструментите и базата што ја одржуваат се единствена основа за носење одлуки, не само согласно законските прописи туку и по обем и капацитет. Станиците што ние ги разработуваме се дизајнирани за индикативен мониторинг на суспендирани честички и може да ја подобрат покриеноста, да обезбедат податоци за научни анализи и решавање одредени специфични проблеми, но само како дополнување, а не и замена на државната мониторинг-мрежа. Одржувањето, калибрацијата и употребата на податоци од индикативните мрежи бараат посебно внимание и стручност. Кај нас можеби е нов момент, но веќе подолго време тренд во светот е развојот и широката примена на мали и евтини сензори, кои иако добиваат на квалитет и применливост, сè уште се далеку и од референтните и од индикативните станици и не можат да бидат основа за мониторинг и оцена на квалитетот на амбиентниот воздух. Овие сензори може да бидат употребувани за многу цели и отвораат врата кон сосема нови пристапи во научните истражувања, како на пример економично зголемување на густината на податоци за поедини загадувачки материи или следење на нивоата на персонална изложеност. Но, мора да се има предвид фактот дека ваквите сензори се исклучително подложни на влијанијата од амбиентните услови (температура, влажност), преклопување на отчитувањата со други загадувачки материи и голема несигурност на среден и долг рок. Сериозен проблем е и калибрацијата на овие сензори и споредбата со постојните референтни материјали и методи, поради што примената на вакви сензори бара уште поголемо внимание при анализа и користење на резултатите. Поради тоа, и Светската метеоролошка организација и Европската комисија имаат издадено предупредувања со совети околу можностите и начините за нивна примена.
Ако веќе знаеме кои се најголемите загадувачи и каде се, како систематски да се намали загадувањето?
- На оваа тема веќе многу работи се кажани, а мора да се признае дека одредени активности се направени или се прават. Повеќе државни или локални институции веќе имаат започнато со програми за замена на старите системи за греење (со дрва) со поефикасни и еколошки поприфатливи начини на греење (субвенции за нови печки на пелети, гасификација или проширување на централните топлински системи). Со оглед на масивноста на овие мерки, тие веројатно нема да бидат ниту брзи ниту лесни, но се надевам дека ќе добиваат на интензитет во наредниот период. Сметам и дека значително треба да се подобри и мрежата на мониторинг, па за секоја поголема урбана средина да се обезбеди барем една референтна станица, надополнета со индикативни станици според потребите. Верувам дека со заеднички напори на сите инволвирани, вклучително и на нас како граѓани кои го дишеме тој воздух, мониторинг-системите во наредниот период ќе овозможат да видиме постепено подобрување на состојбите.