Кој навистина го откри Антарктикот? Се чини дека зависи од тоа кого ќе прашате

Кој навистина го откри Антарктикот? Се чини дека зависи од тоа кого ќе прашате

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

200 години по откривањето на Антарктикот, замрзнатиот континент е познат како место за научни истражувања и место за авантури и ледени опасности. Но, кој навистина го открил новиот континент? Зависи од тоа како го дефинирате терминот „открил“. Откритието би можело да ѝ се припише на руска експедиција од 27 јануари 1820 година или на британска, само три дена подоцна.

До почетокот на 19 век истражувачите биле во потрага по масивниот јужен континент што го нарекувале Тера Аустралис Инкогнита (непозната јужна земја). Се сметало дека ова огромно земјиште ќе ја балансира земјата во северната хемисфера. Но, раните обиди за наоѓање на континентот пропаднале. Капетанот Џејмс Кус поминал три години барајќи го во текот на неговото второ патување. Експедицијата ги однела Кук и неговите луѓе во Антарктичкиот круг, но истражувачот на крајот се откажал откако не успеал да го најде континентот.

Сепак, Кук бил убеден дека постои нешто повеќе.

- Цврсто верувам дека постои тракт на земја во близина на полот што е извор на мразот што се шири низ овој огромен Јужен Океан. Ризикот во истражувањето на брегот во овие непознати и ледени мориња е толку голем, што можам да кажам дека никој нема да оди подалеку отколку што отидов јас, така што никогаш нема да бидат истражени земјите што може да лежат на југ - напишал тој на крајот од експедицијата

Kук бил на само 130 километри од брегот на континентот во еден момент од патувањето.

1
Фото: National Geographic


Патувањата на Кук поттикнале други истражувачи, но ниту еден не успеал, па потрагата по непознатата јужна земја се сметала за невозможна. Но, повторно станала главна тема благодарение на меѓународните ривалства и потенцијалниот профит од кожа од фоки. Глобалната трка по територии и економска доминација ги поттикнала истражувачите од Русија, Англија и од САД да се упатат кон Антарктикот.

Во 1819 година Русија му дала задача на Фабијан фон Белингсхаузен да оди на југ подалеку од каде што стигнал Кук. На 27 јануари 1820 година тој го насочил погледот кон мраз што веројатно бил прикачен на земјиштето на Антарктикот. Но, Фабијан не знаел дека има друштво: три дена подоцна британскиот поморски офицер Едвард Бренсфилд го забележал врвот на Антарктичкиот Полуостров.

Иако Белингсхаузен технички бил првиот што го видел непознатиот континент, неговото достигнување било криено со децении поради неправилен превод на неговиот дневник, што ги натерало историчарите да претпостават дека тој всушност не видел земја.

Трката да се најде Антарктикот предизвикала конкуренција за лоцирање на Јужниот Пол и со тоа било предизвикано уште едно ривалство. Норвешкиот истражувач Роалд Амундсен го пронашол на 14 декември 1911 година. По повеќе од еден месец го открил и Роберт Фалкон Скот. Тој се вратил со катастрофални резултати. Сите негови луѓе загинале, а експедицијата и денес се смета за неуспех. Но, кога Амундсен разговарал со „Ројал џеографик сосајети“ за време на церемонијата во чест на неговото достигнување, присутните им аплаудирале на неговите кучиња, а не нему.