Средношколки направија ранец што се претвора во засолниште за бездомниците

Средношколки направија ранец што се претвора во засолниште за бездомниците

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Адријана Вутрано и Паша Џонс од средното училиште „Мекдоналд“ во Канада добиле одлична идеја за Саемот за наука што го организира нивното училиште. Создале ранец тежок 2 килограма што се трансформира во засолниште, а го нарекле „Подвижна куќа“. Материјалите ги купиле во нивната локална продавница.

15-годишните средношколки сакале да им овозможат на бездомниците засолниште каде што ќе ги поминат студентите зимски ноќи и жешките денови. Некои луѓе избираат да спијат на улица дури и ако има засолништа каде што можат да одат, со оглед на нивната ментална состојба.

- Мојот вујко почина на улица. Поради ментална болест, тој стана бездомник и почна да живее на улица. Не сите избираат да одат во засолниште. Сакавме да создадеме нешто што ќе им помогне да се чувствуваат безбедно на улица - додава Џонс.

1
Фото: Claire Loewen/CBC

- Ранците се како хармоника. Се собираат и се шират. Достигнуваат должина до околу 2 метри - објаснува Вутрано.

Засолништето е обложено со ќебе што ја задржува топлината во текот на студените месеци.

- Во зима температурата во засолништето изнесува шест до седум степени - вели Вутрано.

Во текот на жешките месеци корисникот може да ја преврти преносната куќа, така што ќебето ќе биде горе, па внатре ќе биде поладно. Тинејџерките излегле на улиците на Монтреал за да го тестираат нивниот ранец и да се уверат дали функционира.

2
Фото: Claire Loewen/CBC

- Го тестиравме надвор и останавме во текот на целиот ден. Удобен е - изјави Џонс.

Судиите на научниот саем биле импресионирани.

Сега, девојките бараат партнери, како владини агенции и компании, за масовно производство на прототипот. Проценуваат дека би чинело околу 10 долари ако секој од материјалите се купи на големо.