Кина ќе биде домаќин на првата светска трка помеѓу луѓе и роботи
Во трката за изградба на најдобрите хуманоидни роботи, Кина е буквално пред сите други.
Како што пренесува „Саут Чајна морнинг пост“, економско-технолошката развојна област во Пекинг (E-таун) – во април годинава ќе биде домаќин на 12.000 луѓе и хуманоидни роботи од повеќе од 20 компании – и тоа во полумаратонска трка.
Трката ќе биде приближно 20 километри, а роботизираните натпреварувачи не можат да имаат тркала и мора да бидат високи помеѓу 0,5 и 1,9 метри. Во соопштението, Е-Таун додава дека роботите што ќе се натпреваруваат мора да имаат хуманоиден изглед и механичка структура способна за движење на две нозе или за трчање.
Иако се чини дека ова е прва трка во светот помеѓу луѓе и роботи, тоа нема да биде првпат хуманоиден робот да учествува на кинески атлетски натпревар.
Минатата есен двоножниот робот наречен Тијангонг се приклучи на полумаратонот во Пекинг Јижаунг, кон самиот крај. Иако трчаше само околу 100 метри и не беше особено брз, роботот доби медал затоа што ја мина целта.
Само неколку недели по изненадувачкото деби на Тиангонг на маратонот, кучето-робот РАИБО2 се натпреваруваше на целосен маратон неколку недели подоцна во Јужна Кореја. Иако беше значително побрз од Тиангонг, сепак беа потребни речиси четири часа и 20 минути за да се истрча трката долга 40 километри - речиси двојно повеќе од времето на човечкиот победник, кој постигна време од околу два часа и 36 минути.
Кучето-робот нема да се вклучи во полумаратонот во „Е-Таун“. Според државната новинска агенција „Ксинхуа“, Тиангонг ќе биде еден од учесниците и наводно ќе може да трча со 10 километри на час.
Истата агенција објави дека во август Пекинг ќе биде домаќин на спортски настан каде што ќе учествуваат само роботи, и нема да содржи само трки на атлетски терени, туку и фудбал.
Извор: futurism.com
Фото: Platform X