На секој конкурс за работа, наставниците полагаат тест по македонски јазик, дури и оние што го предаваат: „Ако сте конкурирале во пет школи, ќе полагате во сите пет“
Наставници што конкурираат на огласи за вработување во некое од основните училишта мора да полагаат тест за познавање на македонски јазик. Тестот го полагаат дури и оние наставници што во одделенска настава им го предаваат на децата предметот македонски јазик.
Според Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование, наставниците мора да полагаат тест за познавање на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот на кој ќе се изведува наставата кога конкурираат на јавен оглас кој го распишало некое училиште.
Не полагаат само ако огласот е распишан со временски рок од три месеци и наставниците се ангажирани преку Агенцијата за привремени вработувања. По тие три месеци училиштето е должно да распише јавен конкурс и на тој конкурс, два дена по неговото завршување, се полага испит во македонски јазик.
- Проблемот е што тестовите не се унифицирани. Се случи во една година да конкурирам на огласи во седум училишта и тие беа објавени во исто време. Секаде полагав познавање на македонски јазик и направив споредба на тестовите, сите беа различни. Во секое училиште предметните наставници по македонски јазик сами го изготвуваат тестот и тој е различен. Потоа едно од училиштата спомена дека ако го положиш тестот некаде, може да ја земеш потврдата за да ти биде валидна при секој нареден оглас, но тоа во практика не се случува. На факултет учев македонски јазик две години, предавам македонски јазик во одделенска настава и сега треба да полагам познавање на истиот јазик. Ист тест полагаме и јас како наставник што предава македонски јазик и колегата по физичко - го раскажа за „Факултети.мк“ своето искуство при конкурирањето за работно место одделенска наставничка која сака да остане анонимна.
Од МОН велат дека проверката за познавање на македонски јазик е уредена со закон и неа ја полагаат сите наставници освен наставниците по предметот македонски јазик.
- Согласно актуелното законско решение, проверката за познавање на македонскиот јазик и кирилското писмо при конкурс за вработување наставници и стручни соработници е уредена со член 3 став (1), алинеја 4 и став (5).
Законот наложува наставникот, покрај другите услови, да го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот на кој ќе се изведува наставата. За таа цел, директорот на основното, односно средното училиште формира комисија составена од три члена од редот на воспитно-образовниот кадар вработен во училиштето, која врши проверка на познавањето на јазикот на наставниците, освен за наставниците по предметот македонски јазик - гласи одговорот од Министерството за образование и наука.
Наставничката вели дека некогаш се случувало да има триесетина кандидати на тестовите, а успешно го минувале тестот само оние кандидати што треба да бидат вработени, но по други основи.
- Ова се прави поради селекција на кандидатите за вработување во училиштата. Ми се има случено во исто време да конкурирам во три-четири училишта, во едно паднав, во друго положив и влегов на работа. Толку беа двосмислени прашањата, што можеше како сакаат да го толкуваат одговорот. Во другото училиште влегов оти требаше да влезам и затоа положив. Дури се случуваше во ист ден и во ист час да бидат закажани полагањата, па сите кандидати реагиравме бидејќи не можевме да стигнеме насекаде. Зошто се полагаат тестови по македонски јазик, навистина нема потреба. До неодамна и предметните наставници по македонски јазик што дипломирале на Филолошки факултет полагаа при вработување - вели наставничката, која дипломирала во 1999 година и ги поминала сите тешкотии во македонското еродирано образование.
Таа и група наставници, како невработени, постојано биле барани да заменуваат колеги, но работеле без да им се платат придонеси за социјално и пензиско осигурување. По 25 години во образовниот процес, таа има само осум години стаж.
Од МОН открија дека веќе се работи на подготовка на нов нацрт-закон со кој треба да се елиминираат ваквите предизвици.
- Работна група составена од претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура работи на подготовка на нов нацрт-закон за наставници и стручни соработници во основните и во средните училишта, со кој ќе елиминираме многу предизвици кои актуелниот закон не ги надминува. Потоа ќе следува јавна расправа, така што секој заинтересиран ќе има можност да придонесе кон усвојување на најдобрата верзија на законот - гласи одговорот на МОН.