Засадете го најбрзорастечкото дрво на светот и за три години од него ќе можете да изградите дом
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Замислете дрво кое расте толку брзо што за само три години може да се претвори во ваш дом. Станува збор за најбрзорастечкото дрво на светот наречено пауловнија, познато и како „кири“ во Јапонија. Ова растение може да порасне до 7,5 метри за само шест месеци, а по 15 години најчесто достигнува висина од околу 20 метри.
Меѓутоа, компанијата „Вигроу“ интензивно работи на експериментирање со стапката на раст на ова дрво, односно нивните нови методи на одгледување го прават неговиот раст уште побрз. Специфичната тежина на ова дрво е 250 кг/м³, што е половина од тежината на дабот. Проблемот со ова дрво е тоа што брзиот раст во висина значи и мало зголемување на дебелината на стеблото.
Затоа, „Вигроу“ во соработка со компанијата „Киритех“ дизајнира систем што ќе може да гради куќи од тенки трупци од ова дрво. Така бил создаден „Кириблокс“, кој премиерно беше претставен на саемот „Бау 2025“ во Минхен.
„Кириблокс“ е систем кој се базира на природен материјал, без употреба на лепила или метал, што го прави целосно „зелен“. Овој систем е лесен за монтажа – облиците, кои се сечат како шестаголници за минимизирање на отпадот, се поставуваат еден до друг, создавајќи столбови, ѕидови и тавани. Празнините меѓу нив се пополнуваат со иверка за да се постигне добра изолација.
![drvo](/images/news/2025/01/20250129-zasadete-go-najbrzorastechkoto-drvo-na-svetot-i-za-tri-godini-od-nego-kje-mozhete-da-izgradite-dom-1.jpg)
Фото: KiriTec
Процесот е едноставен и брз, а самите елементи можат да се склопуваат и демонтираат без потреба од сложени алатки. Дрвото има ниска густина и е погодно за изградба на помали станбени или комерцијални објекти. Дополнително, „Кириблокс“ има сертификат за висока отпорност на пожар, што значи дека може да се користи за објекти кои треба да ги исполни строгите стандарди за заштита од пожар.
Поради својата мала тежина, „Кириблокс“ се транспортира лесно и се собира брзо, а по истекот на животниот век на зградите, овие елементи можат да се рециклираат или повторно да се искористат.
Технологијата е и економски исплатлива: расадот на ова дрво се продава по цена од само 2 евра, а за растот на дрвото не е потребно големо количество вода.
Ова е само почеток на идната етапа на одржлива градба и домови кои се пријателски настроени кон природата.
Извор:
Gradnja.rs
Фото: KiriTec