И некои видови животни практикуваат социјално дистанцирање

И некои видови животни практикуваат социјално дистанцирање

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Луѓето низ целиот свет, а особено во оние земји што се најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот, деновиве седат во своите домови и избегнуваат контакт со други лица за да го забават ширењето на вирусот.

Иако сите ние можеби малку сме изненадени од строгите мерки, концептот на социјално дистанцирање не е нов во животинскиот свет, каде што заразните болести се вообичаена појава. А еве и кои видови животни ги изолираат членовите што се заразени.

Пчелите

- Не е лесно да се уочи заразениот член на групата - објаснува Џозеф Кисекер, водечки научник при добротворната организација „The Nature Conservancy“.

Меѓутоа, со помош на сетилата животните можат да откријат одредени болести, понекогаш и пред да се појават видливи симптоми, и тогаш го менуваат своето однесување за и самите да не се заразат. На пример, пчелите и шимпанзата можат да бидат дури и безобѕирни кога станува збор за изолирање на болните.

Бактериските болести што ги погодуваат колониите на медоносните пчели се особено разорувачки и однатре ги убиваат ларвите, објаснува Алисон Мекафи, соработничка на одделението за ентомологија и патологија на растенијата на Државниот универзитет во Северна Калифорнија.

Заразените ларви испуштаат одредени хемикалии кои постарите пчели можат да ги намирисаат, покажало истражувањето на Мекафи. Кога ќе ги идентификуваат, пчелите физички ги исфрлаат тие болни членови од кошницата, објаснува таа. Затоа што ова еволуциско приспособување го штити здравјето на колониите, пчеларите и истражувачите со децении селективно одгледуваат пчели кои се однесуваат така. Ги нарекуваат хигиенски пчели.

Шимпанза

Во текот на 1966 година, додека ги проучувала шимпанзата во националниот парк Гомбе Стрим во Танзанија, Џејн Гудол забележала шимпанзо со име Мекгрегор кое било заразено со полиовирусот. Членовите на неговата група го нападнале и го исфрлиле од групата.

- Цели две минути Мекгрегор седеше неподвижно, гледајќи во нив - наведува Гудол во својата книга од 1971 година.

Таа забележала и случаи кога излекувани поединци биле примени назад во групата. Како и луѓето, така и шимпанзата се визуелни суштества, а некои истражувања посочуваат дека почетната стигма кон шимпанзата заразени со полиовирусот може да е водена од стравот и гадењето од нивниот изглед. Токму врз основа на изгледот тие го проценуваат и здравјето на другите шимпанза, односно ја избегнуваат болеста која предизвикува деформација.

Полноглавците на американските жаби

Не се сите животни толку сурови кон болните пријатели од групата. Пред Кисикер да почне да ги проучува полноглавците на американските жаби (Lithobates catesbeianus), кон крајот на 90-тите години, се претпоставувало дека контактите меѓу здравите и заразените животни се случајни. Научниците биле убедени дека секој поединец од групата може да се зарази.

-Но, испадна дека животните се попаметни отколку што мислевме - вели Кисикер.

Во неговите експерименти тој открил дека полноглавците од жабите можат не само да откријат смртоносна инфекција, туку и да се организираат за да ги избегнуваат болните. Како и медоносните пчели, така и полноглавците се потпираат на мирисот на хемикалиите што ги испушта заразената единка за да ја откријат заразата.

Карипски јастози

И карипските јастози (Panulirus argus) го избегнуваат заразениот член на групата уште пред тој да покаже симптоми.

Обично се потребни околу 8 недели за јастозите заразени со смртоносниот вирус Panulirus argus да станат заразни. Јастозите почнуваат да ги избегнуваат заболените 4 недели по инфекцијата бидејќи тогаш можат да намирисаат одредена хемиска супстанција што ја испуштаат заболените.

Избор на партнер

Кога станува збор за парење, многу видови се пребирливи во поглед на избирањето здрав партнер.

На пример, женките од куќните глувци можат да утврдат дали потенцијалните партнери се заразени со некоја болест преку душкање. Ако женката намириса паразитска инфекција во урината на мажјакот, веројатно ќе им се придружи на другите, поздрави пријатели, тврдат истражувачите.

Важно е да се напомене дека за разлика од нас, животните имаат инстинкт, но немаат свест за тоа дека ако останат дома, можат да ја забават брзината на ширењето на вирусот, објаснува Кисикер.

- Како луѓе, ние ја имаме таа способност, тоа е голема разлика - додава тој.

Насловна фотографија: Wikipedia