Како нашите тела реагираат кога користиме социјални мрежи - и како кога ќе престанеме

Како нашите тела реагираат кога користиме социјални мрежи - и како кога ќе престанеме

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Типично возрасно лице во Велика Британија поминува речиси два часа на социјалните мрежи дневно. А за помладите корисници оваа бројка лесно може да биде пет часа. Изгледа дека е сѐ потешко да се оттргнеме од овие платформи.

Најнова студија покажува дека дури и нашето тело ја рефлектира состојбата на „прилепување“ за екранот кога сме на социјалните мрежи.

Од 54 млади возрасни луѓе било побарано да го прелистуваат својот „Инстаграм“ преку телефонот 15 минути, како што вообичаено би правеле во секојдневниот живот. Меѓутоа, во истражувањето, на нивните гради и прсти биле прикачени електроди кои овозможиле да се сними нивниот пулс и „спроводливоста на кожата“, што е показател за потење. Психолозите можат да ги користат овие физиолошки маркери за да заклучат суптилни ментални состојби и емоции. Додаден бил и контролен услов каде што учесниците читале напис за вести на нивниот телефон, непосредно пред да се пријават на „Инстаграм“.

Откриено е дека во однос на состојбата на читање вести, скролањето на „Инстаграм“ довело до значително забавување на отчукувањата на срцето на учесниците, додека истовремено ја зголемувало нивната реакција на потење.

Од други истражувања е познато дека таквата шема на телесни реакции покажува оти нечие внимание е целосно апсорбирано од многу значаен или емоционален стимул во околината - тоа е состојба на истовремена возбуда и длабоко потопување во нешто многу значајно за нас.

Поважно е тоа што од контролната состојба е познато дека не бил само телефонот или читањето тоа што го предизвикало овој телесен одговор. Значи, се чини дека има нешто посебно во социјалните мрежи што лесно може да нѐ занесе.

Најинтригантниот ефект во студијата се случил кога учесниците биле прекинати на крајот од нивниот престој на „Инстаграм“ и биле замолени да се вратат на читање друга вест. Наместо да се ослободат од возбудата и да се вратат во помирна состојба, одговорот на потење на учесниците дополнително се зголемил, додека пулсот исто така се зголемил наместо дополнително да се забави.

Дали е тоа зависност?


Она што помогнало да се толкуваат овие ефекти биле оцените на учесниците за нивните емоции. Од нив било побарано да се одлогираат.

Учесниците изјавиле дека биле под стрес и вознемирени кога морале да се исклучат од „Инстаграм“. Тие дури пријавиле дека во тој момент имале желби за приклучување на социјалните мрежи. Така, физиолошкиот одговор што бил забележан кога учесниците морале да се одјават рефлектирал друга форма на возбуда - но овој пат бил понегативен и поврзан со стресот.

Ваквите телесни и психолошки стресни реакции се јавуваат и кога зависници од супстанции се во фаза на одвикнување. Па дали овие знаци се забележани и во врска со анализата за „Инстаграм“?

Одговорот на ова прашање не е јасен. Сепак, студијата може да ни даде некои индиции. По експериментот, сите учесници биле замолени да пополнат прашалник за процена на симптомите од „зависност од социјалните мрежи“.


Иако овој концепт е контроверзен и моментално не е препознаен како нарушување на менталното здравје, прашалникот дал информации за тоа како употребата на социјалните мрежи може негативно да влијае врз нечиј секојдневен живот. Ова дури може да ги вклучува резултати од работа или училиште на луѓето, или да доведе до конфликт со нивните партнери.

Забележително, не се увидени никакви разлики во отчукувањата на срцето и потењето меѓу учесниците што постигнале високи или ниски резултати на овие мерки за зависност. Тоа значи дека сите учесници покажале шема на возбудено однесување за време на употребата и возбуда поврзана со стрес кога употребата била прекината.

Експертите сметаат дека социјалните медиуми нудат многу моќни награди. А некои од нивните карактеристики можеби навистина имаат зависничка димензија, како што се персонализираните кратки видеопреноси што нè заробуваат во бескрајна јамка на забавна содржина.

Но, за разлика од дрогата - социјалните медиуми ги допираат основните човечки потреби: сите сакаме да припаѓаме и да им се допаѓаме на другите.

Значи, ако го препознаеме постоењето на „зависност од социјалните медиуми“, можеби ќе треба да препознаеме и „зависност од пријателство“. Затоа, треба да бидеме претпазливи со терминот зависност во контекст на социјалните медиуми - ризикот е нормалното однесување да се „патологизира“ и да доведе до стигма.

И, како што покажуваат истражувањата, можеби е добро да се воздржиме или да се откажеме од социјалните мрежи некое време без да доживееме драматични промени во нашата благосостојба (било позитивни било негативни). Причината за ова е што за разлика од дрогата, можеме да ги задоволиме нашите потреби преку други средства, на пример, со разговор со луѓе.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik