Постигнат политички договор во ЕУ - возачките дозволи ќе бидат на мобилните телефони

Постигнат политички договор во ЕУ - возачките дозволи ќе бидат на мобилните телефони

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Европскиот парламент и Советот постигнаа политички договор за иницијативата на Европската комисија за модернизација на правилата за возачки дозволи. Новата Директива за возачка дозвола има цел да го намали бројот на несреќи на патиштата во ЕУ и непотребното оптоварување на граѓаните и властите поврзани со административните процедури.

За поголема безбедност и помала администрација

Дополнително, ќе биде воведен систем за придружно возење низ ЕУ за возачи на возраст од 17 години, мерка за која е докажано дека значително ја подобрува безбедноста на патиштата. Оваа програма може да се прошири на 17-годишни возачи на камиони под одредени услови.

Дигитални возачки дозволи

Новите правила ќе воведат целосно дигитална возачка дозвола достапна на мобилен телефон или друг дигитален уред. Оваа иновација ќе ги поедностави административните процедури за граѓаните и националните власти и ќе ги олесни замената, обновувањето и размената на дозволите при движење меѓу земјите-членки.

По краток преоден период, дигиталните возачки дозволи ќе се издаваат автоматски во сите земји членки. Сепак, физичките возачки дозволи сè уште ќе бидат достапни на барање, особено за оние што не поседуваат паметен телефон или претпочитаат или имаат потреба од физички документ (на пр., кога патуваат во трети земји кои не ги признаваат дигиталните дозволи).

Новата директива вклучува и пробен период за новите возачи на ниво на ЕУ, мерка чија цел е да го намали ризикот од сообраќајни несреќи кај новите возачи. За новите возачи се воведува пробен период од најмалку две години, во кој ќе подлежат на построги правила и санкции (особено кога станува збор за возење под дејство на алкохол и употреба на појас). Со оглед на тоа дека во две од пет сообраќајни несреќи со смртен исход учествуваат возачи помлади од 30 години, оваа мерка е особено важна. Понатаму, Директивата ќе воведе нови барања во однос на физичката и менталната подготвеност за управување со возило.

Да се биде во тек со технолошките трендови


Безбедноста на пешаците, велосипедистите, моторџиите и др. е исто така приоритет во новата Директива. Возачите ќе треба да докажат дека се свесни за ризиците што ги претставуваат за овие незаштитени учесници во сообраќајот. Новите правила ќе овозможат и признавање на дозволите издадени во трети земји, кои имаат рамка за безбедност на патиштата слична на ЕУ.

Со цел да се усогласат правилата за возачка дозвола со техничкиот напредок во возилата и преминот кон возила со нулта емисија, новите барања за тестирање ќе ги проценат, на пример, знаењата и вештините поврзани со напредните системи за помош на возачот и други автоматизирани технологии.

Поголема дозволена маса за категоријата Б


Во друг сегмент, регулативите треба да бидат во чекор со технолошкиот развој. Имено, новите прописи ќе овозможат возење на возила од категоријата Б кои се напојуваат со алтернативни горива со максимална маса до 4,25 тони (наместо досегашните 3,5 тони). Ова го зема предвид фактот дека возилата со алтернативно гориво често се потешки од возилата со конвенционален погон, на пример, поради тежината на батеријата. За управување со такви возила, повеќе нема да се бара повисока категорија на возачка дозвола.

Новата директива ќе стапи во сила 20 дена по нејзиното објавување во „Службениот весник на ЕУ“. Земјите членки ќе имаат четири години да ја пренесат Директивата во националното законодавство.

Извор: autonet.bug.hr

Фото: autonet.bug.hr