Научниците конечно имаат одговор на прашањето дали е подобро да се трча бос или со патики

Научниците конечно имаат одговор на прашањето дали е подобро да се трча бос или со патики

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Пред четири до шест милиони години луѓето првпат почнале да одат исправено. Продолживме да се развиваме и станавме одлични во одење и трчање, што пак било овозможено од нашите заоблени нозе, долги тетиви, како и поради можноста за ладење преку потењето. И изненадувачки, во поголемиот дел од човечката историја ова патување на долги дистанци луѓето го правеле боси.

Некои докази покажуваат дека обувките се појавиле пред околу 30.000 години. Но, само пред околу 100 години модерните обувки почнале да се менуваат во форма на стапало. Од 70-тите години меките чевли за трчање станаа синоним што секогаш оди со вежбањето.

Но, поголем број докази покажуваат дека трчањето со чевли може да ни направи повеќе штета отколку добро. Нашите истражувања посочуваат дека носењето чевли го менува начинот на кој трчаме и го слабее стапалото, така што може да придонесе за многу чести спортски повреди.

Претходно нашиот тим откри дека и денес можеме да трчаме боси, особено ако тоа почнеме да го правиме додека сме млади. Откривме дека не само што децата од 12 до 19 години во Нов Зеланд можат да трчаат спринт и трки со средна дистанца боси, туку и дека преваленцијата на болка во долните екстремитети (колената, глуждовите и стапалата) е релативно ниска во споредба со децата на иста возраст од други земји. Други истражувања покажаа разлики во структурата на нозете и функцијата кај популациите што се боси и популациите што носат чевли.

noze
Фото: Pixabay

Овие откритија нè поттикнаа да направиме глобален преглед на повредите што се случиле кај мажите и жените додека трчале. Откривме дека помеѓу 35 и 50 отсто од оние што трчаат биле повредени во одреден момент. Овие бројки може да се сметаат за високи - особено за вид кој е приспособен на трчање на долги патеки.

Најчестите повреди се на колената, зглобовите, глуждовите и стапалата.

Нашата последна анализа истражуваше како луѓето трчале пред да користат чевли и како чевлите го промениле начинот на кој трчаме. Откривме дека кога стапалото доаѓа во допир со земјата, кожата, лигаментите, тетивите и нервите на стапалото носат богат извор на информации до мозокот и 'рбетниот мозок за точната позиција на ногата, вклучувајќи ги и напнатоста, истегнувањето и притисокот.

Првите чевли за трчање за масовниот пазар биле произведени во 70-тите и биле рекламирани како обувки што можат да спречат повреди при трчање. Изненадувачки, овој наратив се најде и во научната литература.

2
Фото: Peter Francis

Нашето истражување посочува дека обувките го намалуваат квалитетот на информациите што се испраќаат до мозокот и 'рбетниот мозок, што доведува до потапа механика на трчање.

Долготрајната секојдневна употреба на обувките доведе и до послабо стапало. Кога почнуваме да трчаме со чевли, ногата не е приспособена да се справи со овие механики. Но, истражувањата покажуваат дека може да се подобрат големината и силата на мускулите на нозете по осумнеделно пешачење со минималистички чевли. Се препорачуваат и активности за рамнотежа. Овој вид вежби имаат цел да ги спречат и санираат повредите. Но, наједноставната форма на вежби е да ги соблечете чевлите и да одите или да трчате боси.

Автор: Питер Франсис
Извор: Science Alert