Со гитара во училница ги учи музика, но и дропки - наставникот Драган Микаровски прави интересни интeграции на наставните содржини

Со гитара во училница ги учи музика, но и дропки - наставникот Драган Микаровски прави интересни интeграции на наставните содржини

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Микаровски, кој предава музичко, заедно со Александар Адамовски, наставник по мултикултурни работилници, одржа интегриран час на кој дури и ученици од исламска вероисповед научија како се игра Пајдушкото оро.

Ја носи гитарата во училницата за да им го разубави предавањето на учениците, да не биде монотоно и во класичен стил. Инструментот кој го научил самиот, инаку по професија е оперски пејач, наставникот по музика Драган Микаровски често го користи не само за учениците да стекнат музички знаења, туку и да им се објаснат лекции по други предмети.

Тој прифаќа со други колеги да организираат интегрирани часови по два наставни предмети при што гитарата ја користи како нагледно средство за да им објасни одредени образовни содржини. Така во Основното училиште „Елпида Караманди“, каде што предава музичко, на час по математика со гитарата им покажа на учениците како да ги сметаат дропките. Неодамна тој го внесе инструментот на часот по мултикултурни работилници во подрачното училиште во битолското село Доленци, каде што заедно со наставникот Александар Адамовски одржа интегрирана настава.



Интегрираната настава го прави часот интересен за учениците

Преку гитарата, на учениците, кои претежно се со исламска вероисповед, им покажаа колку е слична нивната со македонската музика и култура. Им го отсвири дури и Пајдушкото оро, а учениците ги научија чекорите. Ова сигурно беше првиот интегриран час во петолетката во Доленци, а и еден од ретките во кои двајца професори спојуваат различни предмети во одделенска настава. До петто одделение најчесто интеграцијата е од страна на одделенскиот наставник по повеќе наставни предмети, но не е често да се интегрираат по двајца предавачи.

- Интеграцијата на предметите и начинот на кој се предава одредената тема се многу важни за да ги привлечеме децата да ја сакаат темата што ја предаваме или предметот, па одредената научна дисциплина да им стане и идна професија. Начинот на кој ја изведуваме наставата е многу важен, да не биде апстрактен, туку да се најдат креативни начини учениците да ги разберат нештата. Сметам дека музичкото образование е основна култура, бонтон, сестраност во животот. Многу од нив нема да бидат музичари, но важно е да стекнат музичко образование. Затоа сметам дека предметот треба да се вика музичка култура, а не музичко образование - вели Микаровски.



Имаме повеќе сличности отколку разлики

Гитарата предизвика голем интерес кај учениците на часот по мултикултурни работилници. Микаровски им ги отсвири песните што им се познати, како „Битола, мој роден крај“, „Ако одам во Битола“, „Македонско девојче“, а и тие посакаа да го допрат инструментот и да отсвират понекој нота. Наставниците им ги објаснија и инструментите што претежно се користат во ориенталната музика.

- Им објаснивме дека ние како етноси имаме и сличности и разлики. Но, поентата на видувањето беше да сфатат дека имаме повеќе сличности отколку разлики. И така го водевме и часот. И обичаите и песните и мелосот се повеќе слични отколку што се различни. Направивме културно поврзување. На часот немавме чифтелија, кој е албански народен инструмент, но на таблата им ја нацртавме, а потоа и на интернет им пуштивме да слушнат како звучи - вели Микаровски.



Сите се фатија за раце да го играат Пајдушкото

Наставникот Александар Адамовски, кој ја даде идејата за часот, инаку предава македонски и француски јазик во Основното училиште „Елпида Караманди“ во Битола, на учениците им дозволи да го интервјуираат наставникот - музичар.

- Тие го прашуваа за неговата кариера, како научил да свири гитара, зошто? И на крај видовме како се игра Пајдушкото оро. Некои од нив го знаеја орото иако се муслиманско население, опкружени се со македонско, па доаѓаат во допир и со македонската култура. Заиграа заедно со наставникот, кој се потруди да им помогне, да им покаже некои чекори во изведбата и сите се фатија за раце да играат. Голема е ползата од вакви часови кои може успешно да се реализираат доколку претходно добро се подготват. На децата треба да им биде интересно на час. Да излеземе од класичното предавање - рече Адамовски.



И дропките се објаснуваат со музика

Микаровски е вокалниот изведувач на снимената химна на битолската навивачка група „Чкембари“, па на часовите знае и на учениците што се занимаваат со спорт преку таа песна да им ја долови музиката. А дури и со гитарата им ги објаснувал дропките на часот по математика.

- Наставникот по математика со мене одржа час на кој се учеа дропки. Музиката е математика. Има многу заеднички точки иако едното е уметност, а другото природна наука. И ние во музиката имаме тактови, три-четвртински, дво-четвртински, нотите ги сметаме во една четвртина, четири осмини и слично. Тоа е како дропките. Наставникот им објасни со математички јазик, а јас свирејќи на гитара. Ако постои волја, сѐ може да се направи - вели Микаровски.


Фото: приватна архива