Коронавирусот и екологијата - Средоземното Море е сѐ повеќе загадено со медицински отпад

Коронавирусот и екологијата - Средоземното Море е сѐ повеќе загадено со медицински отпад

Подготвил: Тамара Гроздановски

Видео од Средоземното Море што го објави една француска организација за заштита на природата покажува медицински ракавици и маски на морското дно.

Од организацијата „Операција чисто море“ се обидуваат да го исчистат Азурниот брег во близина на туристичкиот град Антиб.

Еколозите велат дека се згрозени од новото загадување, предизвикано од епидемијата на коронавирусот.

Медицинскиот отпад уште повеќе го загрозува постоечкото загадување со пластика. Еколозите истакнуваат дека ова мора да биде предупредување за Европа која полека излегува од карантин, додека луѓето се враќаат на плажите, а се приближува летото.
Основачот на организацијата Лорен Ломбар, кој направил подводни снимки, на „Фејсбук“ напиша дека ова се маски што не ги носиме долго време и дека ќе ги има во огромен број.

- Затоа треба да внимаваме, ова е почеток на нов вид на загадување - рече тој.

За време на нуркање во близина на Антиб, Ломбар на морското дно пронашол пет медицински маски и четири ракавици од латекс, покрај другиот пластичен отпад, како чаши и конзерви.

Уште на 14 мај, само три дена по олеснувањето на мерките во Франција, уличните чистачи во Париз се жалеа на социјалните медиуми дека многу маски биле расфрлани на тротоарите.

Пратеникот што го застапува регионот во кој припаѓа Антиб, Ерик Пеже, поднел нацрт-закон со кој се предвидуваат посебни парични казни за загадување на јавни места со медицински отпад. Предлог е казната, што моментално изнесува 68 евра, да биде зголемена на 300.



Извор: BBC
Фото: Screenshot/BBC