Лани на медицинските факултети во Македонија дипломирале 879 студенти, најмногу на Тетовскиот универзитет
Во 2022 година во Македонија дипломирале 7.483 студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите, што претставува намалување за 3,5% во споредба со 2021 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Од тие 7.483 дипломирани студенти, 5.026 дипломирале на државни високообразовни установи, 2.433 на приватни и 24 студенти дипломирале на верски факултети. Од вкупниот број дипломирани студенти, 5.995, односно 80,1% се редовни, а 1.488 односно 19,9% се вонредни студенти. 57,1% се дипломирани студентки. Од вкупниот број студенти, 40% дипломирале во рокот, додека 60% дипломирале по рокот.
Податоците на ДЗС покажуваат дека на најголемиот универзитет во земјава,
„Свети Кирил и Методиј“ лани дипломирале вкупно 2.523 лица. Во рамките на овој универзитет, најголем број дипломи лани биле издадени од Економскиот факултет, вкупно 333, а по него следува
Медицинскиот со 298, па Филозофскиот со 214, ФИНКИ со 180 итн. Најмалку студенти лани дипломирале на Факултетот за драмска уметност, вкупно 6, од кои ниту една жена. На Факултетот за ветеринарна медицина дипломирале само 7 лица, исто како и на Архитектонскиот.
Втор универзитет според бројот на дипломирани лица, кога станува збор за државни установи, е
Универзитетот во Тетово, каде што лани дипломирале 1.029 студенти. Најмногу дипломи на овој универзитет биле издадени од
Факултетот за медицински науки, вкупно 333, по што следуваат Природно-математичкиот факултет со 114 дипломирани, па Филолошкиот со 109, Правниот со 101 итн.
Третото место го зазема
Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, каде што диплома лани зеле 765 студенти. Најголем број
(248) дипломирале на Факултетот за медицински науки, по што следуваат Факултетот за туризам и бизнис-логистика во Гевгелија со 112 дипломирани студенти, Факултетот за музичка уметност со 65 итн.
На Универзитетот „Свети Климент Охридски“ - Битола во 2022 година се регистрирани 459 дипломирани студенти. Најголем број од нив (99) дипломирале на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, по што следува Економскиот факултет во Прилеп со 72 дипломирани студенти, па Техничкиот со 71 итн.
На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје лани диплома зеле 134 студенти, од кои 75 на Факултетот за социјални науки.
На Универзитетот „Свети Апостол Павле“ - Охрид лани дипломирале 44 студенти, од кои повеќе од половина, односно 25, на Факултетот за компјутерски науки и инженерство.
Доколку се собере колку дипломи биле издадени на медицинските факултети во земјава, излегува дека лани сме добиле 879 нови лекари, најмногу од Тетовскиот универзитет.
Во однос на приватните високообразовни установи, може да се забележи дека во 2022 година најмногу дипломи биле издадени од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје (675), по што следува Југоисточниот универзитет - Тетово со 355 дипломирани студенти, па Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ во Свети Николе со 334 итн.
Податоците покажуваат дека лани на верските факултети дипломирале 24 лица, од кои 18 на Факултетот за исламски науки, а 6 на Православниот богословски факултет.