На новата нацрт-листа со земји чии жители ќе можат да влезат во ЕУ се најдоа само 15 држави
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Откако минатата недела објави
нацрт-листа со 54 земји за чии жители од први јули ќе бидат отворени границите на ЕУ, „Еуроњуз“ утринава објави ажурирана нацрт-листа за која наведува дека била составена од членките на блокот во петокот. Но, оваа листа, добиена од неименувани дипломатски извори од ЕУ, е многу помала и содржи само 15 земји.
Како и на претходната, така и на оваа Македонија е во сивата зона, но сега ни се приклучија и Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, а само Србија и Црна Гора останаа во зелената.
Новиот список со земји на чии граѓани ќе им биде дозволено да влезат во Унијата, според нацрт-листата, е следниот:
-Алжир
-Австралија
-Канада
-Грузија
-Јапонија
-Црна Гора
-Мароко
-Нов Зеланд
-Руанда
-Србија
-Јужна Кореја
-Тајланд
-Тунис
-Уругвај
-Кина
Фото: Euronews
Забележливо е тоа што на мапата САД и Русија сè уште се обоени со црвена боја, а Велика Британија е со сива затоа што нејзините жители ќе бидат третирани како жители на ЕУ до завршувањето на периодот на транзиција (31.12.2020).
Дипломатски извори за „Еуроњуз“ истакнале дека имало несогласувања меѓу нациите околу критериумите за носење на оваа одлука и некои велеле дека податоците за стапките на заразени со Ковид-19 не се веродостојни. Тие бараат од Европскиот центар за превенција на болести да излезе со повеќе детали, додавајќи дека листите ќе се прегледуваат на секои две недели.
Кога беа објавени упатствата на ЕУ пред две недели, службеници истакнаа дека при нивното изготвување ќе се земат предвид стапките на заразеност во засегнатите земји.
Критериумите се засноваат на епидемиолошки податоци и во четвртокот на нацрт-листата се најдоа 54 нации, а сега само 15.
Насловна фотографија: Pixabay