Забележано е покачување на радиоактивноста во Северна Европа, изворот е непознат

Забележано е покачување на радиоактивноста во Северна Европа, изворот е непознат

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Северноевропските земји забележале покачени нивоа на радиоактивност овој месец. Според холандските власти, изворот можеби доаѓа од Западна Русија и може да покажува оштетување на елемент во нуклеарна централа.

Руската медиумска агенција ТАСС изјави дека нема проблеми во двете нуклеарни централи во Северозападна Русија, повикувајќи се на изјави од властите. Централите во близина на Санкт Петербург и Мурманск функционираат нормално, со нивоа на радијација во границите на нормалата, пишува ТАСС.


Фото: Pixabay

Од друга страна, агенциите за регулација на радијацијата и нуклеарна безбедност во Финска, Норвешка и во Шведска деновиве изјавиле дека забележале мало покачување на радиоактивните изотопи, што не е штетно за луѓето и околината, во делови од Финска, Јужна Скандинавија и Арктикот.

Шведските власти минатата недела изјавиле дека не може да се потврди изворот на покачените нивоа на радиоактивност. Финските и норвешките власти, исто така, не шпекулирале за можниот извор.


Фото: Pixabay

Меѓутоа, Националниот институт за јавно здравје и околина во Холандија во петокот ги анализирал податоците од нордиските земји и изјавил дека пресметките покажуваат дека радиоактивните изотопи доаѓаат од Западна Русија.

Според институтот, овие изотопи се направени од човекот и може да посочат кон оштетување на елемент во нуклеарна централа. Сепак, тие не идентификувале специфична локација на изворот поради ограничениот број податоци.


Автор: Џари Танер
Извор: abcnews.go.com