Кога треба да се носи маска на плажа? Протоколот ги збунува граѓаните
Подготвил:
Наташа Бошковска-Златкова
Голем дел од граѓаните не се дисциплинирани и не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот
Плажите во земјава се преполни. За продолжениот празничен викенд, пак, се очекува уште поголема посетеност од туристи. Голем дел од граѓаните не се дисциплинирани и не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот – не оддржуваат дистанца и не носат заштита на носот и устата. Надлежните апелираат да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 за по празниците да не нѐ очекуваат нови кластери на заболени.
Објавениот протокол за работа на плажите во тек на пандемијата ги збуни граѓаните. Во него е наведено дека сите вработени лица и посетителите до влегување во вода задолжително треба да носат лична заштитна опрема на лицето што подразбира каква било форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата. Неговото толкување е различно.
- Очекувам дека протоколите мора да се јасни, но тоа не е случај со овој протокол за на плажа објавен на сајтот на Влада. Ако јас седам во кафуле на плажа и не носам маска, ова значи дека треба да ја ставам штом ќе го напуштам тој простор и на пример, ќе стапнам на песок? И пред да влезам во вода да ја оставам маската, па кога ќе излезам пак да ја ставам? Додека да одам до водата без маска дали може да добијам казна за тие неколку метри во кои ќе се движам без маска и дали треба со заштита да се сончаме? Ако правилата од протоколот важат за оние плажи со кои некој стопанисува, тогаш значи дека за оние кои одат на градски плажи не важи?– прашува Мими Стојановска.
Казната за неносење заштита на носот и устата е 20 евра. Доколку за прекршокот се плати во рок од 8 дена сумата се намалува за половина. Од МВР велат дека на плажа треба да се носи маска и да се оддржува дистанца.
Д-р Александар Стојанов, в.д. директор на скопскиот Центар за јавно здравје и член на Комисија за заштита од заразни болести, вели дека маска на плажа не треба да се носи ако се оддржува дистанца.
- Она што е најбитно за заштита од коронавирусот е оддржувањето на потребното растојание. Доколку не се оддржува растојание, посетителите треба да носат маска. На плажа е речиси невозможно да седите со маска, особено доколку станува збор за деца. Затоа оддржувајте растојание. Почитувајте ја оваа мерка, од неа зависи и вашето и здравјето на многу други – вели д-р Стојанов.
Пазарните инспектори кои прават контроли на терен забележале голема недисциплина на граѓаните на плажа.
- Ние сме задолжени за правните лица и генерално сме задоволни од тоа како се почитуваат мерките. Ако некаде се изрече опомена грешките се поправаат. Но она што можеме да го забележиме од терен е дека посетителите на плажа не оддржуваат дистанца, особено на градските плажи. Ако не ја оддржувате дистанцата треба да носите маска. На пример, ако сте пар и користите 2 лежалки, а одржувате дистанца од останатите посетители тогаш не треба да носите заштита. Но, мора да се заштитите ако се наруши дистанцата – вели Стојко Пауновски, директор на Државен пазарен инспекторат.
Протоколот за заштита вели дека сите посетители и вработените лица на плажата треба да одржуваат физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата - максимум 15 посетители на 100 квадратни нето површина.
Инаку, протоколот предвидува помеѓу индивидуалните чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, од кој секој чадор ќе обезбеди сенка за најмногу две лица (ова не се однесува на семејства со деца).
- Да се обезбеди растојание од 1,5-2 метри помеѓу лежалките поставени под соседни чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и после користењето на секој посетител. Секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби – стои во протоколот.