СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Никола Стојановски (99) дипломирал медицина во 1952 во Белград - од партизани право на факултет

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Никола Стојановски (99) дипломирал медицина во 1952 во Белград - од партизани право на факултет

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

Никола Стојановски, роден на 8 февруари 1923 во Велешко, е најстариот дипломиран граѓанин што успеавме да го најдеме. Има 99 години, активен член е во Сојузот на борци, јасно се сеќава на студентските денови и прифати да ни ја раскаже својата факултетска приказна.

- Студирав во Белград на Медицинскиот факултет во периодот од 1946 до 1952 година - ни кажа Стојановски само што стапивме во контакт со него.



На прашањето зошто го избрал Медицинскиот факултет во Белград, тој ни сподели:

- Ја сакав медицината. Кога завршив со студии, се јавив во ресорното министерство и оттаму ме распоредија на Хистолошки институт, но одбив, сакав да работам во амбуланта. Ме пратија да работам во Крива Паланка во амбулантата каде што постојано прегледував луѓе и одев по сите села. Еден ден, паметам, ми донесоа бебе, 11-месечно речиси мртво, и веднаш почнав со интеркардијална работа со детето, со масажа на срцето и одеднаш зеде здив детето и полека-полека оживеа. Одма им јавив на службите и по таа случка одлучив да одам на педијатрија, ме примија и во Белград и во Загреб, но одлучив да се доусовршам во Загреб. Сакав да лекувам, тоа ми беше целта - се присетува Стојановски.



Со чинот поручник добив плата, сместување и студии

Во тоа време не било тешко да се запишеш на факултет бидејќи немало многу лекари.

- Самата држава нудеше стипендии, а јас ја одбрав медицината. На прва година се учеа општи работи, а веќе во втора година се почнуваше по клиниките. Предавањата беа во амфитеатри заедно со практични вежби. Не пропуштав ништо, гледав да научам што повеќе. Литературата ја користев од библиотеката, изданијата тогаш беа скапи да се купат. Испитите ги полагав повеќе практично бидејќи бев заедно со професорите кога ги испитуваа другите студенти. Тоа што слушав ми помагаше многу во полагањето на испитите. Студиите одеа добро. Немав никакви проблеми бидејќи редовно посетував вежби, теоретски часови... Останував дури и ноќе на клиниките зашто така се добива потемелно знаење. Едноставно ја сакав медицината - раскажува Стојановски.



Чинот поручник му отворил повеќе врати.

- Лесно беше да влезеш на факултет бидејќи имаше факултети, не во Македонија, туку во тогашниот главен град Белград. Јас имав чин поручник и тоа ми овозможи да добијам плата, па на студии отидов со плата, а не со стипендија. Од осмата бригада добив чин и плата, што ми овозможи да најдам сместување во Белград и да имам за храна и за студии - ни изјави Стојановски.



Во 1946 цела Југославија студирала во Белград

Во тоа време државата им помагала на оние што сакале да студираат и давала стипендии.

- Тогашна Југославија правеше сѐ за да се создаде стручен кадар. Мене ми беше полесно бидејќи бев партизан во велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Студентите можеа да добијат стипендии, постоеја студентски домови каде што седеа по двајца во соба, но јас седев сам во приватно сместување за да можам подобро да учам. Исто така, имаше студентски мензи за сите. Во Белград имаше многу студенти од цела Југославија. Тогаш, во 1946 година во Скопје немаше отворено Медицински факултет. Во Белград на сите факултети имаше студенти од цела Југославија и немаше никаков проблем од која република доаѓаш - вели докторот.



Во слободно време студентите оделе на игранки

- Се организираа игранки на факултетот. Секаков тип музика се слушаше, се забавувавме. Еднаш месечно имаше игранки и редовно одев - надополнува тој.

По дипломирањето процедурата била да се пријават во Министерството за образование во Белград и таму правеле распоред каде да го насочат дипломецот.

- Се пријавив и веднаш добив карта за Македонија. Вработувањето беше лесно. Амбулантската работа е мојата прва работа. Сакав да работам со пациенти и тоа се случи и во практика - ни изјави Стојановски.



Фото: приватна архива