Роверот на НАСА пронашол карпа што може да докаже дека порано постоел живот на Марс

Роверот на НАСА пронашол карпа што може да докаже дека порано постоел живот на Марс

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Роверот на НАСА – „Персеверанс“ собира примероци на Црвената Планета од 2021 година, а сега собра карпи кои би можеле да помогнат да се докаже постоење на живот на планетата во минатото.

Наречен „Чејава Фолс“ по највисокиот водопад во Големиот Кањон, примерокот од 97,5 x 61 сантиметри содржи хемиски траги и структури кои можеле да се формираат од поранешниот микробен живот пред милијарди години. Роверот го собрал примерокот на 21 јули од она што некогаш било долина на реката Марс, одамна издлабена од протечна вода. На фотографијата од примерокот се гледаат „големи бели вени“ на калциум сулфат, кои се протегаат по должина и укажуваат на тоа дека водата поминала низ карпата.

Уште поважно, има милиметарски ознаки кои изгледаат како дамки од леопард низ целата средишна црвеникава лента. На Земјата, нешто слично може да се формира на седиментни карпи за време на хемиски реакции кои ја менуваат бојата на хематитот, еден од материјалите за црвеникавата боја на Марс, во бела. Овие реакции можат да ослободат железо и фосфат, кои би можеле да послужат како извор на енергија за микробите.

Инструментот ПИХЛ на роверот веќе утврдил дека црните прстени околу дамките содржат железо и фосфат, но тоа автоматски не значи дека карпата служела како домаќин на микробите. Дамките, исто така, би можеле да бидат создадени од небиолошки процеси, а тоа е нешто што научниците ќе треба да го откријат.

- Не можеме да кажеме дека откривме живот на Марс, но она што го имаме е потенцијален биопотпис, збир на карактеристики кои би можеле да имаат биолошко потекло. Сепак, потребни се понатамошни истражувања и повеќе податоци - изјавила научничката Кејти Стак Морган.

НАСА допрва треба да ги транспортира на Земјата примероците собрани од роверот, вклучувајќи ги и оние на локацијата на „Чејава Фолс“. Меѓутоа, мисијата „Марс Семпл Ритрнс“ веќе е одложена и нема да се реализира до 2040 година, иако се планира примероците да пристигнат на Земјата на почетокот на 30-тите години.

Агенцијата неодамна побара алтернативни решенија за транспорт на мострите во пократок период и ќе го финансира истражувањето. Научниците треба да спроведат опсежни тестови за да ги исклучат контаминацијата и небиолошките процеси, како и да понудат можни објаснувања за формирањето на „леопардските дамки“ пред да потврдат дека тие навистина се доказ за минат живот на Марс.

Извор: klix.ba

Фото: NASA science