Јован Деспотовски, директор на ФИТР: Со иновациски ваучери подаваме рака кон академската заедница

Јован Деспотовски, директор на ФИТР: Со иновациски ваучери подаваме рака кон академската заедница

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Верувам дека со оваа мерка ќе успееме да поттикнеме што поголем број наши истражувачи, а особено млади научници, заедно со домашните компании да развијат иновации со кои ќе бидеме конкурентни не само овде, туку и глобално, вели директорот на ФИТР, Јован Деспотовски

Фондот за иновации и технолошки развој постојано воведува нови проекти со кои ги мотивира младите, фирмите и институциите да размислуваат иновативно. Најновиот проект што ќе почне од 1 октомври ќе има цел да ги спои академската заедница и бизнис-секторот. Разговараме со директорот на Фондот, Јован Деспотовски, за овој, но и за други проекти што се работат изминатиов период.

Во новиот проект им подавате рака на факултетите и на професорите да ги реализираат своите идеи кои можеби чекале долго време. За каков проект станува збор? Кому ќе му биде наменет?

- Со иновациските ваучери подаваме рака кон академската заедница за директно вклучување во економскиот развој на државата. Првпат академската заедница и бизнис-секторот имаат можност да работат заедно во функција на економскиот развој. Она што е многу важно е дека средствата ќе одат на сметката на универзитетите, додека компаниите добиваат услуга од академскиот кадар.

Јован Деспотовски

Во оваа пилот-фаза имаме обезбедено 15 милиони денари, кои ќе им се доделуваат на факултетите и истражувачките центри што ќе остварат конкретна деловна соработка со домашните компании. Новина е дека повикот ќе биде отворен од 1 октомври, а веќе од истиот момент ќе може да се исплаќаат финансиски средства по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според редоследот на поднесувањето комплетни апликации. Со ова директно вложуваме и во идните академски граѓани, студентите кои низ вакви проекти ќе можат да работат на конкретни истражувања.

Светот, науката и технологиите создадени со истражување и развој носат драматични промени. Само минатата година на глобално ниво во научноистражувачки проекти беа вложени рекордни 1,7 милијарда американски долари. Мора да признаеме дека научноистражувачката дејност во земјава е запоставена со минимални вложувања по глава на жител, со 0,4% од БДП. И според Глобалниот иновациски индекс, државата има одлични перформанси кај повеќе индикатори и скок од 30 места на листата со земји кои вложуваат во иновации и иновациска структура што резултира во економски напредок, но во делот на истражување и развој значајно заостануваме – 112 од 131. рангирана земја. Затоа, решивме со директна акција да се обидеме успешниот модел од другите параметри да го пресликаме и во овој дел, да го намалиме заостанувањето и да ја приклучиме С. Македонија во редот на земји што системски вложуваат во истражување и развој.

Верувам дека со оваа мерка ќе успееме да поттикнеме што поголем број наши истражувачи, а особено млади научници, заедно со домашните компании да развијат иновации со кои ќе бидеме конкурентни не само овде, туку и глобално.
Постојано повторувам, ние сме мала земја која нема нафта или други ресурси да извезува, но имаме врвни умови. Тоа е нашиот силен адут со кој може да се натпреваруваме на светската сцена. Со вакви таргетирани мерки, со кои постепено ќе се поттикнуваат вакви проекти, верувам дека за неколку години ќе можеме да ја достигнеме Словенија, која е сега меѓу првите 15 земји во светот со 2,4% влог од БДП во вакви проекти. Ова не се празни зборови, туку реални проекции засновани врз база на резултатите од голем број проекти во кои вложуваме изминатите три години.

Ваш актуелен проект е и „Стартапувај“, каде што и студенти имаат позитивни примери со веќе отворени успешни фирми благодарение на проектот. Какви резултати даде „Стартапувај“?


- Програмата „Стартапувај“ даде одлични резултати. Само во вториот циклус имаме 84 стартап-компании, во огромен број започнати од млади луѓе, кои ќе добијат поддршка од државата. Во оваа група имаме неколкумина млади луѓе кои успеавме да ги придобиеме и да се вратат назад во С. Македонија и да ѝ дадат, би рекол, втора шанса на државата. Ме охрабрува што имаме умни млади луѓе, градски кажано – деца, со визија и идеја, кои се капиталот на оваа земја за иднината и генератор на економскиот развој. Токму поради тоа што и во време на криза се охрабриле да вложат во свој развој и наместо да размислуваат за преживување, работат на заздравување. Заедно вложуваме околу 3 милиони евра, од кои околу 700.000 илјади се нивен влог, додека 2,3 милиона се на државата. На овие проекти ќе бидат ангажирани дополнителни 250 луѓе со просечна плата од 36.000 денари, што е околу 30% над просекот.

Она што е особено важно е дека успеавме да се поставиме како вистински партнер на младите. Според мене, можеби најголем резултат е тоа што успеавме да охрабриме што повеќе млади луѓе да отворат свои компании и идеите да си ги претвораат во успешни бизниси. Ако минатата година имавме 46 поддржани стартапи, годинава имаме речиси двојно повеќе, од кои над 52% се новоосновани во последнава година. Со овој повик семејството на ФИТР брои над 500 компании, а речиси 55% од нив, односно 299 се токму стартап-компании. Само во нив досега имаме вложено над 17 милиони евра. За споредба, до 2017 биле поддржани само 30 стартап-компании со 850.000 евра.

На настанот пред некој ден имавме привилегија да ги слушаме и Симона Николова од „Уретани“ и Игор Томовски од „Пајл контрол“, чии компании беа избрани на првиот повик „Стартапувај“ и тие веќе успешно работат и на меѓународните пазари. Ваквите луѓе се нашите амбасадори и вистинска инспирација.
Ова ми е особено важно и лично како татко на три деца - дека креираме реални, одржливи услови за нив, за младите луѓе да ги реализираат своите идеи и соништа овде, на домашен терен.



ФИТР се вклучува и во помош за учества на меѓународни олимпијади и на некој начин им помогнавте на учениците да реализираат одреден сон, со оглед на тоа дека државата сè уште нема конкретен систем за помагање на талентираните деца?

- Пред 18 месеци инициравме креирање на „Фонд за млади умови“. Денес, со националните програми во рамките на „Фонд за млади умови“ веќе вложуваме над 21.000.000 денари во над 1.300 ученици од основни и средни училишта од целата земја. Само во рамките на „Предизвик за млади истражувачи“ и програмите „Апшифт“ и „Џуниор ачивмент“, кои ги спроведуваме со нашите партнери УНИЦЕФ и УСАИД, тие работат на над 250 истражувачки проекти. Дополнително, над 50 ученици од различни здруженија добија и директна финансиска помош за учество на меѓународни олимпијади и натпревари. Искрено, нема поголемо задоволство кога „наградата“ за ова е голем број освоени медали.
Токму следната недела во Фондот ќе ни бидат гости Благојче, Андреј, Teo и уште еден Андреј, кои неодамна освоија три бронзени медали на 32. Интернационална олимпијада по информатика која годинава беше одржана онлајн. Овие деца се под менторство на Здружението на информатичарите на Македонија, кое е само едно од низата што Фондот ги поддржува во изминатите години за учество на нашите талентирани деца на меѓународни натпревари.
Следуваат и други програми и иницијативи, со кои ќе направиме и позитивен притисок врз другите институции, секоја во својот ресор, да вложат и да дадат придонес и поддршка за овие деца.

Дали преземате некакви мерки за помош на иновативните фирми откако почна пандемијата на Kовид-19? Дали кризата го намали Вашиот буџет?

- Пандемијата не нѐ одмина и нас и секако дека го стави ФИТР пред предизвици. За жал, многу голем број  граѓани и компании беа погодени од кризата, но ние решивме дека нема да седиме со скрстени раце, туку уште на почетокот од кризата започнавме да бараме решенија за полесно справување со последиците. Во соработка со нашите партнери од Светската банка излеговме со нова програма за брзо приспособување и еве веќе, од пред една недела, ги имаме првите 87 компании што планираат да реализираат проекти во вредност од околу 3 милиони евра, во рамките на повикот за кофинансирани грантови за брзо приспособување по појавата на Ковид-19. Се покажа дека со оваа мерка директно го таргетиравме она здраво јадро од економијата, кое и во услови на криза е подготвено да инвестира во приспособување и развој, а со тоа и во побрз премин од фаза на преживување во фаза на заздравување.

Но, не застануваме тука. Се подготвува втор инвестициски циклус со изменети критериуми кој го направивме врз основа на спроведена анализа и консултации со приватниот сектор и податоците што ги добивме од истражување спроведено кај домашните компании. Целта е да охрабриме уште поголем број од оние над 2.100 компани што ги презедоа апликациските пакети и покажаа интерес за инструментот да размислуваат за инвестиции наместо за преживување. Ова не е лесно, особено во услови на неизвесност што ја носи кризата, но нашите досегашни резултати ми даваат за право да бидам оптимист!

На што ќе бидете фокусирани во наредниот период?

- Предизвици никогаш не недостигаат доколку човек навистина сака да работи и да сработи. Моделот што го креиравме во ФИТР е веќе препознаен по својот интегритет, отвореност и ефикасност и дома и од нашите меѓународни партнери. ФИТР влезе во програмата на ЕУ за финансиска поддршка за 2021 со планирана поддршка од 20 милиони евра што, доколку се одобри финално, ќе го постави Фондот како највисок примател на директна поддршка во С. Македонија од почетокот на ЕУ-програмите во 90-тите години. Ова треба и да се заслужи, но сега ќе треба и да се одработи.
Инициравме сериозен процес на трансформација на Фондот во друштво за управување со фондови, што треба да постигне делумна одржливост во финансирањето на среден рок. Значи, планот е да го намалиме товарот на јавните фондови и да им подадеме рака на приватни, странски и домашни инвеститори во економскиот развој. Ова ќе биде вистински предизвик бидејќи ќе треба да ја подигнеме подготвеноста на нашите компании за привлекување странски инвестиции.

Кон ова ќе го споменам и креирањето единствен регионален пазар за инвестиции, во чии рамки треба да почне да функционира и „Регионален инвестициски фонд“. Концептот и дискусиите со земјите од Западен Балкан се во зрела фаза и ова ќе треба да се одработи докрај.

Лично, останувам посветен на трансформацијата и развојот на општеството бидејќи во овие три години сфатив дека имаме и ресурси, и знаење, и пријатели. Потребни се желба и посветеност и работите може да станат многу подобри отколку што се сега во многу области. Оваа Влада е вистинската опција за ова да се случи, поддршката е тука и навистина сум оптимист дека можеме.