Како еден германски селанец станал лицето на нацистичките расни закони?

Како еден германски селанец станал лицето на нацистичките расни закони?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Историјата на нацистичка Германија е придружена со фотографија на двајца научници кои со шублер ги мерат цртите на лицето на еден маж.

Сликата често е користена во книги, музеи и архиви со слики како илустрација на националсоцијалистичката опсесија со чистата раса.

Но, постои еден проблем со овој долг наратив: фотографијата немала никаква врска со нацистичката држава.

Нова статија под наслов „Слика од минатото: фотографија од печатот, нацистичка пропаганда и создавање политизирана меморија“, објавена во „Журнал оф модерн хистори“, успеа да го лоцира вистинското потекло на оваа фотографија, која била направена три години пред подемот на нацистичката моќ, и ги следи начините на кои се користела сликата за поддршка на различни политички цели.

Човекот на фотографијата бил германски селанец од селото Сизеби. Бил фотографиран како дел од релативно бенигна антрополошка студија од 1929 година на домородните германски „расни“ типови. Сликата, заедно со многу други од истото село, била испратена во Берлин каде што се чувала во колекција, со години недопрена.

Во 1932 година популарното германско списание „Берлински илустриран магазин“ објавило текст за антропометрија со фотографија од селанецот. Во текстот била пофалена работата на научниците кои продолжиле со своето истражување и покрај тешкотиите предизвикани од економската криза. Така, се претпоставува дека фотографијата била направена на крајот од 1932 година.

Во 1933 година и списанието „Комунистички илустриран магазин“ ја искористило фотографијата од селанецот. Протестирајќи против новите закони за ариевско потекло, уредниците ја ставиле сликата на насловната страница на изданието посветено на разоткривање на нацистичката расна теорија како маска за класна дискриминација.

1
Фото: The University of Chicago

- Не заборавајте да си го измерите носот - само тогаш ќе можете да одредите дали ќе останете невработени во Третиот Рајх како еврејско-марксистички аутсајдери или како расно чист достоинственик - пишувало под сликата.

Фотографијата повторно била искористена во 1933 година заедно со написот на главниот нацистички генеалог Ахим Герке во списанието „Нов илустриран весник“, списание пријателски настроено кон режимот.

Во 1980 година фотографијата повторно била искористена во историска книга како илустрација за делот за антиеврејските нирнбершки закони од 1935 година. Се имплицирало дека личноста на сликата била идентификувана како Евреин преку антропометриски методи.

Можеби ова е причината што многу музеи на холокаустот, вклучувајќи го и „Јад Вашем“ во Ерусалим, ја користат сликата на селанецот во изложбите посветени на документирање на расниот есенцијализам на нацистите.

Во поново време, сликата доби нов живот одвоен од јудаизмот и нацистичка Германија. Во 2015 година беше објавена на фејсбук-страница за поддржувачите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Со фотографијата се сугерира дека во текот на 20-тите години администрацијата на Ататурк извршила мерење на мустаќите како дел од антимуслиманскиот, „меѓународен“ секуларизам, наспроти политиката на Ердоган за „исламизација и авторитаризам“.

На крајот, сепак, истражувачите не треба да ја гледаат историјата на фотографијата на селанецот како историја на погрешни атрибуции и грешки, туку како увид во политичките и културните ставови во различни периоди.

Бидејќи фотографиите во голема мера ја обликуваат нашата перцепција за минатото, задачата на историчарите е да ги анализираат, реконструираат и презентираат во историски контекст не само фотографиите, туку и културите кои ја одредуваат нивната перцепција.

Извор: Phys.org
Фото: Pixabay