Летањето со авион може да биде побезбедно отколку јадењето во ресторан за време на пандемија, велат научниците

Летањето со авион може да биде побезбедно отколку јадењето во ресторан за време на пандемија, велат научниците

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Ризикот од заразување со Ковид-19 во авион може значително да се намали ако патниците често ги мијат рацете, постојано носат маски, темелно се чистат и дезинфицираат авионите и ако се обезбедува постојан проток на воздух во кабината, дури и кога авионот е паркиран, се вели во истражување спроведено од „Харвард“.

Користењето на овие и други мерки може да го намали ризикот од зараза во авион во споредба со други активности, вклучувајќи купување намирници и јадење во ресторан, заклучуваат истражувачите од „Харвард“, поточно Школата за јавно здравје „Т.Х. Чан“.

- Може да се развијат мерки за контрола и стратегии што ќе го ублажат ширењето на болеста, а истовремено ќе можат внимателно повторно да се отворат секторите во општеството - се вели во извештајот.

Истражувањето од „Харвард“ го следи неодамнешното објавување на истражувањето на министерството за одбрана на Америка во кое се заклучи дека носењето маски додека патниците се во авион може да го намали ширењето на вирусот, поради начинот на кој воздухот се филтрира и циркулира во авионот. Заедно со претходните истражувања, двете студии дополнително го поткрепуваат случајот со носење маски.

Тимот од „Харвард“ вклучил експерти за здравствена заштита на животната средина, индустриска хигиена и заразни болести чија цел беше да се развие сеопфатно разбирање на пресекот помеѓу науката што информира за трансмисијата на Ковид-19 и операциите во воздухопловната средина.

Од почетокот на пандемијата многумина делумно го гледаа патувањето со авион како место со висок ризик за зараза, бидејќи луѓето долг временски период престојуваат во затворен простор - нешто што е спротивно на голем дел од насоките од здравствените власти.

maska
Фото: Freepik

Истражувачите идентификувале примери каде може да се пренесе вирусот додека патниците патувале со авион. Во еден случај, една жена што летала од Лондон во Ханој во март заразила 15 други патници и членови на екипажот.

Иако во авионот нема доволно физичко растојание, тимот од „Харвард“ открил дека сегашните авиони се опремени со системи со постојано циркулирање и освежување на воздухот, што може да го компензира недостигот на простор.

Иако многу внимание е насочено кон она што се случува во авионите, истражувањето испитало и друг клучен елемент на патувањето: како патниците се качуваат и слегуваат од авионот.

- Одиме во продавница и таму има ред каде треба да стоите. Со малку исклучоци, луѓето ги почитуваат правилата. Истото треба да важи и во авионите. Навикнати сме да се натрупуваме, а тоа треба да престане - вели Едвард Нардел, вонреден професор на одделенијата за здравствена заштита на животната средина, имунологија и заразни болести во Јавното училиште за здравје при „Харвард“.

Истражувањето заклучува дека постои мал ризик од пренесување на вирусот во авионите и дека повеќекратните мерки за заштита од Ковид-19 го прават летањето со авион безбедно, а можеби и побезбедно од другите рутински активности, како што се купување намирници во продавниците или јадење во ресторан.

Извор: Washington Post
Фото: Freepik