Европската мрежа за проблематична употреба на интернет неодамна излезе со свој манифест кој претставува обид да се изгради заеднички став на научната јавност за приоритетите во справување со овој проблем и тој да се пренесе до широката јавност, објаснува Ѓонеска
Билјана Ѓонеска, која работи како научен соработник во Македонската академија на науките и уметностите во областа на когнитивните и социјалните невронауки, е дел од голем меѓународен проект посветен на проблематичната употреба на интернетот, кој е во фокусот и на светските медиуми како „Гардијан“, „Дејли мејл“, „Телеграф“. Овие научници во својот манифест предупредуваат на веќе добро познатите зависности од видеоигри, интернет-коцкање, интернет- порнографија, но посочуваат дека сѐ се движи со молскавична брзина, па се појавуваат и нови зависности.
- Од помалку познатите се споменуваат cyberchondria, т.е. склоност кон специфично интернет-пребарување и прибирање информации за потврда на замислена дијагноза, и cyberhoarding - општа склоност кон прекумерно прибирање, складирање, натрупување информации од интернет - вели Ѓонеска во интервјуто за Факултети.мк.
Претставниците на ПУИ од Македонија
Mакедонски експертски тим е вклучен во меѓународна мрежа која брои 123 истражувачи од 37 земји, посветена на проблематичната употреба на интернет. Која е целта на проектот што здружи импресивна бројка на научници од цел свет?
-
Европската мрежа за проблематична употреба на интернет (ПУИ) е групација од научници кои се поддржани од Европската програма за соработка во науката и технологијата, а обединети во идејата да ги зголемат видливоста и внимателноста за проблемот со некритична употреба на интернет, како и да придонесат за брзо препознавање, подобро разбирање и координирано справување со овој проблем. Идејата е една, но пристапот е различен, зависно од профилот на истражувачот, па затоа оваа мрежа има мултинационален и мултидисциплинарен карактер. Таа вклучува експерти од природните (биолошки, фармаколошки, невролошки, психијатриски), општествените (психолошки и социолошки), како и компјутерско-технолошките науки, кои ја проучуваат проблематичната употреба на интернет од различни агли.
Во ПУИ се вбројуваат различни интернет-зависности, вклучувајќи ги нaјпознатите cyber-gaming (зависност од видеоигри) и cyber-gambling (интернет-коцкање), кои се предложени како посебни медицински дијагнози во последната ревизија на Меѓународната класификација на болести. Во честите зависности се вбројуваат и cyber-texting и social networking (зависност од социјални медиуми), cyber-sex (вклучувајќи и интернет-порнографија) и cyber-shopping (купување на интернет). Од помалку познатите се споменуваат cyberchondria (т.е. склоност кон специфично интернет-пребарување и прибирање информации за потврда на замислена дијагноза) и cyberhoarding (општа склоност кон прекумерно прибирање, складирање, натрупување информации од интернет).
Билјана Ѓонеска
Современото општество ја поттикнува секојдневната употреба на интернет истовремено потценувајќи го ризикот од појава на проблем. Ова произлегува од фактот што присуството на интернет секојдневно се нормализира, па дури и фаворизира, и ретко се проблематизира или стигматизира, како што е случај со други видови зависност. Ова се случува со поддршка од семејството, па сѐ до големите заедници, како компјутерската индустрија и општеството. Затоа оваа мрежа неодамна излезе со свој манифест, кој претставува обид да се изгради заеднички став на научната јавност за приоритетите во справувањето со овој проблем и тој да се пренесе до широката јавност. Набрзо по објавувањето во научното списание за
Европска невропсихофармакологија, овој проглас го разбуди медиумскиот интерес и беше покриен од
„The Guardian“,
„New Scientist“,
„University of Cambridge“,
„The Daily Mail“,
„The Telegraph“.
Интернетот направи револуција во модерната човечка комуникација и го одбележа секој сегмент од современото живеење. Сепак, кога би можеле да констатираме дека употребата на интернетот станала некритична и проблематична?
- Историски гледано, интернетот е толку нова, а важна појава, што може да ја сметаме за последен исчекор во човечката еволуција. Истовремено, таа е толку скорешна и брза промена, што нема време за соодветна адаптација. Како никогаш досега човекот има моќ со незначаен напор (на пример, еден „клик“) да предизвика лавина одговори, поддршки/допаѓања или осуди/напаѓања од поединците/заедницата. Освен што интернетот не бара физички напор бидејќи е лесен за користење, не создава ниту ментален отпор, т.е. аверзија. Напротив, поради потсилените чувства на слобода и индивидуалност, преку привидната заштитеност и анонимност, од една страна, и колективна поврзаност, од друга, како и чувствата на награда со задоволство од нови сознанија (поради приспособена понуда на интересни содржини), расте и привлечната и приврзувачка моќ на оваа технологија. Тоа создава услови за некритичка употреба на интернет, т.е. интернет-зависност која ќе ја препознаеме по овие појави:
- Намалена контрола врз присуството на интернет, со неуспешни обиди за откажување, паузирање и поголемо отсуствување.
-
Зголемена потреба за интернет-употреба, со чувство на силна мотивираност и преокупираност, а на штета на секојдневните приватни и професионални односи и обврски.
- Постојано продлабочување на штетното однесување и постепено влошување на своето здравје (и покрај свесноста за ризиците и очигледноста на последиците).
-
Последици врз физичкото, како симптоми на толеранција, и психичко здравје, како симптоми на апстиненцијална криза и други емотивни проблеми.
Интернет vs човек
Постои ли категорија на луѓе, според биолошки, психолошки и други карактеристики, што е особено подложна на овој проблем?
- Не постои специфичен „профил на личност“ со типични „знаци за брзо распознавање“, ем рано предвидување на проблемот. Уште повеќе, зависноста не е доброволна, ниту е личен избор, бидејќи по одреден период на употреба некои луѓе развиваат проблематична употреба или зависност, а други не. Проблемот е толку сложен и составен од различни чинители со заемно дејство, што е тешко да се утврдат ранливи категории на граѓани кои имаат поголема склоност кон интернет-зависност. Во игра се биолошки фактори кои влијаат врз работата на допаминскиот (одговорен за однесување мотивирано од награда), серотонинскиот (за однесување мотивирано од задоволство) и холинергичкиот систем (за целесообразено планирање). Потоа психолошки фактори и карактеристики на личноста, како: мала самодоверба со голема срамежливост и повлеченост, помала совесност со поголема импулсивност и агресивност, зголемена потреба за одложување, а намалена за планско дејствување. Но има влијание и од социјалните фактори, како: искуства во растењето, несоодветни родителски стилови на воспитување со лоша поврзаност на релација родител-дете и физички/ментални/емоционални злоупотреби и трауми во развојот на личноста, како социјална изолација, недостиг на социјална поддршка, проследени со анксиозност и депресија.
Според досегашните сознанија, најподложна е токму младата, тинејџерска популација која има неограничен пристап до интернет, а ограничени механизми за самоконтрола. Едноставно, делот од мозокот што вели „стоп“ кога е потребно, кој е одговорен за расудување, размислување, контрола, сѐ уште „не созреал“, т.е. „не пораснал“. Понатаму, за децата што доживеале стрес/траума, игрите на интернет може да претставуваат единствената награда/задоволство што го добиваат, па затоа таму ризикот од проблематична употреба и зависност е сразмерно поголем. Во ранливи категории спаѓаат и луѓе што патат од депресија, анксиозност и социјални фобии, за кои интернетот е прибежиште од негативните чувства. Пациенти со опсесивно-компулсивни и аутистични растројства и други видови зависности (од алкохол и психоактивни супстанции) се исто така група под ризик за бихевиорални зависности. По однос на полова распределба, се покажало дека машките се посклони кон зависност од интернет-игри, интернет-порнографија и онлајн-коцкање, а женските кон зависност од социјални медиуми и онлајн-купување.
Заштитните фактори подразбираат функционално семејство кое нуди добар модел на родителство со поврзаност меѓу детето и родителот и поддршка од пошироката околина, како училиштето, со помош во учењето и заштита од секој вид траума, преку градење вештини за справување со стрес, комуникациски вештини, зголемување на самопочитта, самодовербата и сл.
Фото: Pixabay
Каде е Македонија во оваа приказна и со какви податоци располагате?
- Во Македонија, поголемо истражување што нуди прозорец кон младата популација и нејзината секојдневна интернет-преокупација е она што се спроведува во рамките на меѓународната студија ESPAD (European School Survey Project on Alchocol and Other Drugs), која вмрежува тимови од 40 европски земји. Се изведува на национално ниво преку Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука на Македонија, врз репрезентативен примерок за младите во земјава. Последната анкета опфатила над 70% од македонските средношколци на 16-годишна возраст, со цел да даде преглед (преку широкиот примерок и опсежниот прашалник) и потенцијален вовед во еден критичен поглед (што би се темелел на комплексни статистички анализи и интерпретации) кон младите и нивните секојдневни/девијантни навики, во 2015 година.
Истражувањето покажува дека над 80% од младите го одбираат интернетот како начин да се пополни слободното време, покрај социјализацијата и спортот. Сепак, анкетата не нуди сознанија дали интернетот е примарно хоби, т.е. дали би се одвивал во паралела со дружбата и спортот, и конечно, дали би бил избран пред овие активности. Понатаму, резултатите покажуваат дека во работни денови еден од пет средношколци користи интернет во времетраење од 2 до 3 часа, но исто така резултатите откриваат дека за време на викенд, еден од пет средношколци минува и повеќе од 6 часа на интернет. Половина од македонските средношколци ги наведуваат социјалните медиуми како најчеста причина за интернет-употреба, околу третина целосно се согласуваат дека тие одземаат премногу време, а сепак петтина потврдуваат дека би се чувствувале лошо доколку немаат пристап до нив.
Во врска со компјутерските игри и коцкањето (како најчесто наведувани примери за проблематична употреба на интернет), интересно е следново: иако мнозинството средношколци (над 80%) ги навеле игрите како свое хоби, сличен процент (над 80%) навеле дека ниту еден ден во неделата не минуваат играјќи за пари. Тие што, сепак, потврдиле интернет-коцкање, ги навеле овие игри на среќа (распоредени по застапеност): обложување, карти, лотарија, бинго и игри на виртуелни слот-машини.
Овие студии даваат периодични и систематични податоци, но сепак не се примарно фокусирани на зависностите од интернет зашто тие се предизвик кој допрва претстои за водечките здравствени организации, како Светската здравствена организација, Светското здравствено собрание, Меѓународната класификација на болести.
Тука би сакала да нагласам дека македонскиот тим, преку учеството во европската мрежа и различни координативни тела за справување со болести на зависност, не само што држи чекор со светските трендови туку прави и позитивен исчекор преку обиди за координиран и интегрален пристап кон овој проблем.
Ние сме првата земја што во рамките на овој проект оформи Национална експертска група за справување со проблематичната употреба на интернет. Јас сум национален претставник и координирам одличен тим со претставници од: науката, преку учество на акад. Поп-Јорданова како претставник од МАНУ; образованието, преку професор Михајлов од Економскиот факултет при УКИМ, професор Марковиќ од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, како и професорките Лилјана Игњатова и Гордана Китева-Тренчевска од Медицинскиот факултет при УКИМ. Вклучени се и претставници од Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и невладини организации. Заеднички, ние сме снабдени со експертиза која може целосно да го истражува овој проблем и да го следи постапно, почнувајќи од етиолошките (социјално-психолошки фактори за појава), преку развојните (невролошки механизми), до факторите за медицинска (коморбидни психијатриски ризици) и општествена прогноза (јавно-здравствени трошоци). За нашите напори бевме јавно пофалени на последниот меѓународен состанок во Барселона. Сепак, ова е почеток на нашите заложби, а публиката ќе биде навреме информирана за сите наши претстојни активности.