Како Литванија стана рај за стартапи и финтек-компании?

Како Литванија стана рај за стартапи и финтек-компании?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Литванија стана еден од најбрзо растечките центри за стартапи и финтек-компании во Европа. „Јуроњуз бизнис“ ги анализира клучните причини зошто оваа балтичка земја привлекува сѐ повеќе претприемачи, вклучително и компании кои се на пат да станат „еднорози“.

Литванија, мала, но динамична земја на Балтикот, за брзо време стана еден од водечките финтек-центри во Европа и во светот. Земјата е дом на глобално познати „еднорози“ како „Винтед“ и „Норд секјурити“ и нуди одлични бизнис-услови и за домашни и за странски компании.

Со население од само 2,8 милиони жители, Литванија е една од најмалите европски земји, но тоа не ја спречи да стане важен играч во развојот на стартапите, особено во секторот за финансиско работење, што ја издвојува од остатокот од Европа.

Литванија - лидер на Балтикот во развојот на стартапи

Според извештајот „Литвански стартап-екосистем“ за 2023 година, литванските стартапи постигнале најбрз раст во балтичкиот регион минатата година. Во периодот од 2018 до 2023 година, вкупната вредност на литванските стартапи се зголемила дури 7,1 пати. За споредба, просечниот раст на Балтикот бил 2,7 пати, додека во земјите од Централна и Источна Европа бил 3,6 пати.

Литванија се издвојува и по инвестирањето во ризичен капитал. Во 2023 година привлече дури 292 милиони евра, со што го зазеде второто место во регионот на Централна и Источна Европа.

Освен компаниите „еднорози“, Литванија е и дом на многу компании кои се на пат да достигнат вредност од една милијарда долари.

Само во главниот град Вилнус во 2023 година работеа повеќе од 170 финтек-компании, со вкупна вредност од околу 1,8 милијарди евра. Во период од 18 месеци, до февруари 2024 година, овие компании привлекле околу 228 милиони евра ризичен капитал. 

Што ја прави Литванија привлечна за финтек-компаниите?


Една од главните причини зошто Литванија привлекува толку многу финтек-компании е квалитетот и разновидната работна сила. За работодавците во Литванија од големо значење се задоволството и благосостојбата на вработените, а со тоа се создава стимулирачка и балансирана работна средина. Посебен акцент е ставен на рамнотежата помеѓу приватниот и деловниот живот и на менталното здравје.

Според Светскиот извештај за среќа за 2024 година, Литванија е прогласена за најсреќна земја во светот за луѓе под 30 години.

Силна владина поддршка


Литванија обезбедува силна поддршка за финтек-компаниите преку организации како што се „Стартап Литванија“, „Инвест Литванија“ и слични организации. Овие организации нудат различни програми, работилници, консултации и други форми за поддршка за стартапи и претприемачи.

Дополнително, тие го олеснуваат преместувањето на вработените и нивните семејства нудејќи практични информации за домување, образование, даноци, правни прашања и услуги за преместување.

Литванија се издвојува и по поволното деловно опкружување. Според Меѓународниот индекс на даночна конкурентност за 2024 година, таа е на 5. место во светот. Покрај тоа, Вилнус беше прогласен за најпријателски град за претприемачи во регионот на Централна и Источна Европа благодарение на квалитетот на животот, достапноста на таленти, инфраструктурата и поддршката од локалните власти.

Литванија има и една од најбрзите интернет-мрежи во Европа, што ја прави погодна за работа на далечина. Вилнус се најде на 8. место во светот по бенефиции за работа на далечина и на 3. место глобално во однос на безбедноста на интернет.

Благодарение на образованата работна сила, силната владина поддршка и поволното деловно опкружување, Литванија стана незаменлива дестинација за финтек-компаниите што сакаат да успеат во глобалната конкуренција.

Извор: Forbes.n1.info.hr
Фото: Freepik