Кучиња што ја одбележаа историјата: Од поларни истражувања до освојување на вселената

Кучиња што ја одбележаа историјата: Од поларни истражувања до освојување на вселената

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кучињата се незаменлив дел од човечката приказна. Нивната лојалност, сила и приспособливост ги прават незаменливи придружници, без разлика дали се чувари, помошници или истражувачи.

Освен што ни го разубавуваат секојдневието, тие често играат клучна улога во некои од најважните човечки подвизи, придружувајќи нè на места каде што природата неизмерно се спротивставува на нашите можности.

Оберстен: Херој на експедицијата на Амундсен


Оберстен, познат и како Полковник, било куче од Гренланд кое било дел од легендарната експедиција на Роалд Амундсен на Јужниот Пол во 1911 година.

2
Фото: Amundsen.mia.no

Неговата сила и издржливост му овозможиле да ги издржи суровите поларни услови, влечејќи санки полни со опрема и храна. Од над 100 кучиња што тргнале на оваа епска авантура, само 11 се вратиле, а Оберстен бил водич на тој мал, но непроценлив тим. По враќањето во Норвешка, ова куче станало познато низ цела земја, а неговиот сопственик Оскар Вистинг инсистирал кучето никогаш повеќе да не влече товар.

Оберстен го поминал остатокот од својот живот како семејно милениче. Денес неговата фигура е изложена во музејот „Холменколен“ во Осло како потсетник за кучето кое отишло до крајот на светот и се вратило.

Бути: Кучето кое ги освоило двата пола

Бути, долгокосиот џек расел териер, е единственото куче што стапнало и на Јужниот и на Северниот Пол. Бути бил верен придружник на експедицијата „Трансглоуб“ од 1979 до 1982 година, предводена од Ранулф и Џини Фајнс.

 
Неговата авантура траела три години, кога Бути станал симбол на другарство и тимска сила.

За да се приспособи на екстремниот студ на Антарктикот, Бути носел специјално изработена црвена јакна и чизми, иако не ги користел често.

Бути дури и присуствувал на првиот натпревар во крикет на Јужниот Пол, а неговата слава продолжила и по неговото враќање во Велика Британија, каде што станал миленик на годината и бил инспирација за многу книги и играчки.

Белка и Стрелка: Првите кучиња во орбитата


 
Советските кучиња Белка и Стрелка направиле историски пробив со тоа што станале првите цицачи кои направиле орбитален лет и се вратиле живи на Земјата.

Оваа мисија од 1960 година била клучна за разбирање на ефектите од бестежинската состојба врз живите организми.

По мисијата, Стрелка станала мајка на шест кученца, од кои едното Пушинка му било подарено на претседателот Џон Кенеди. Нивното наследство живее и денес преку многу потомци, а нивната приказна инспирирала многу филмови и изложби.

Бад: Првото куче што се возело во автомобил

 

Американскиот булдог Бад бил придружник на Хорас Нелсон Џексон за време на првото возење со автомобил низ САД во 1903 година.

Со заштитни очила против прашина, Бад станал симбол на оваа пионерска авантура и се здобил со слава во медиумите. Неговата приказна сè уште е дел од експонатите во Националниот музеј на американската историја.

Лајка - симбол на храброст


Кога зборуваме за кучиња-истражувачи, не можеме да не ја споменеме Лајка, првото куче испратено во вселената.

Иако нејзиниот лет немал среќен крај и таа не ја преживеала мисијата, нејзината жртва го отвори патот за понатамошно истражување на вселената и придонесе за нашето разбирање за ефектите на вселенските летови врз живите организми.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Instagram