Била одбиена многу пати, но сега нејзината работа е основа за вакцината против Ковид-19

Била одбиена многу пати, но сега нејзината работа е основа за вакцината против Ковид-19

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Вакцините против Ковид-19 веќе почнаа да се користат во неколку земји, што претставува голем напредок и дава надеж за крај на пандемијата. За Каталин Карико, овој момент е особено важен и посебен.

Карико својата децениска кариера ја посветила истражувајќи ги терапевтските можности на иРНК, компонента на ДНК која се смета за еден од главните елементи на животот. Со многу неуспеси, загуби на работни места, сомнежи и преселување преку океанот, Карико останала на своето убедување: иРНК може да се користи за нешто навистина неверојатно. Сега нејзината работа е основа за развој на вакцината против Ковид-19.

Карико ја почнала својата кариера во родната Унгарија во 70-тите години, кога истражувањето на иРНК било новост и можностите се чинеле бескрајни. Но, повикот за американскиот сон (со повеќе можности за финансирање на истражувањата) преовладувал. Така, во 1985 година таа со нејзиниот сопруг и ќерката ја напуштила Унгарија и отишла во Америка, откако добила повик од Универзитетот „Темпл“ во Флорида. Го продала автомобилот и го наполниле мечето на ќерката со парите (околу 1.200 долари).

- Само што се преселивме во нов стан, ќерката тогаш имаше 2 години, сè беше одлично и бевме среќни. Но, моравме да се преселиме - раскажува Карико.

Истражувањето го продолжила на Универзитетот „Темпл“, а потоа и на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Пенсилванија. Но, до тој момент ентузијазмот за истражување на иРНК  (информациона рибонуклеинска киселина) бил намален и нејзината идеја дека може да се користи во борбата против болести се сметала за премногу радикална и финансиски ризична.

Таа се пријавувала за грантови, но постојано била одбивана, а во 1995 година се соочила и со деградирање на нејзината позиција на универзитетот. Истовремено ѝ бил дијагностициран рак.

kariko
Фото: Wikipedia

- Обично тогаш луѓето едноставно се откажуваа затоа што беше многу тешко. Размислував да одам на друго место, да работам нешто друго. Мислев дека не сум доволно добра, дека не сум доволно паметна - раскажува таа.

Но, не се откажала.

На крајот, таа и нејзиниот поранешен колега од Универзитетот во Пенсилванија, Дру Вајсман, развиле метод со кој синтетичката иРНК може да се користи за борба против болести што го менуваат начинот на кој телото произведува антивирусен материјал.

Тоа откритие сега е основа на вакцината против Ковид-19, а некои велат дека Вајсман и Карико, кој сега е потпретседател на германската компанија „Бионтек“, заслужуваат Нобелова награда.

- Ако некој ме праша за кого би гласал, јас би ги предложил нив двајца. Тоа фундаментално откритие ќе се користи за лекови што ќе му помогнат на светот - вели Дерек Роси, еден од основачите на фармацевтскиот гигант „Модерна“.

Иако е убаво да се добие признание по толку време, Карико вели дека не размислува за славење.

- Ќе славиме кога ќе помине ова човечко страдање, кога ќе заврши ова тешко време. Се надевам налето, кога ќе заборавиме на вирусот и вакцините. Тогаш ќе славам - вели таа и додава дека планира да се вакцинира наскоро, заедно со Вајсман. Сигурна е дека вакцината ќе биде ефективна. На крајот на краиштата, нејзините откритија придонеле за тоа.

Извор: Edition.cnn.com
Фото: CNN/Screenshot