„Мој термин“ - претстава за лудото време и ние во него

„Мој термин“ - претстава за лудото време и ние во него

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Сите ние сме „луди“ на свој начин, но ако се затвориме во нашето лудило, сигурно нема да си помогнеме. Можеме ли да погледнеме малку подалеку од нашиот нос и да се свртиме кон ближниот, кон другиот? Заборавивме да комуницираме, но сѐ повеќе умееме да се судиме еден со друг. Иако на прва може да помислите дека – а ха, претставата „Мој термин“ зборува за луѓето кои се таму некаде и имаат некојси проблем, што има долг назив и добар дел од нас не го разбираат (опсесивно-компулсивно нарушување), сепак, во дел од сцените може да се пронајдеме сите.


Оливер Митковски, Сашка Димитровска и Александар Микиќ

Претставата на малата сцена во Македонскиот народен театар при крајот на претходната сезона ја постави режисерот Синиша Евтимов. Современите комедии се неговиот заштитен знак, а речиси нема негова претстава за која нема борба за карта повеќе или, пак, не се игра со години на репертоар. „Мој термин“ е веќе 14 пати изведена, а со оглед на тоа дека станува збор за период од половина сезона, тоа е одличен резултат.

„Мој термин“ е инспирирана од шпанскиот филм „TOC TOC“ (Trastorno Obsesivo Compulsivo), што во превод од шпански јазик означува опсесивно-компулсивно нарушување. Кај нас почна да се работи со работен наслов „Тик Так“, но сосема ви е логично зошто насловот прерасна во „Мој термин“, знаејќи на што алудира во македонски услови.


Александар Микиќ, Јордан Симонов, Александар Михајловски и Николина Кујача

Позитивната реакција на публиката (која дури и неумешно си ги повторуваше репликите или си толкуваше гласно) доволно кажува дека темата допира до секого.
Актерите, од прв до последен – со мајсторски улоги. Владеат Тања Кочовска и Александар Микиќ. Евтимов секогаш знае да ги избере најдобрите актери за своите претстави. Хемијата на сцена и заемната почит се евидентни во играта на Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Оливер Митковски, Николина Кујача, Александар Михајловски, Кочовска и Микиќ. Некој има проблем со фокусирање на бројки, друг не може да оди по линии и е опседнат со симетријата, трет лик има страв од вируси и бактерии, четврти има дислексија и проверува по многу пати дали ја исклучил струјата/водата, а некој повторува исти зборови по два пати.

Јордан Симонов, Николина Кујача и Александар Микиќ

За комплетен визуелен впечаток на претставата се погрижија Илина Ангеловска (сценографија), Александар Ношпал (костимите), Горан Игњатовски (дизајн на маските).
„Мој термин“ е уште еден доказ дека само уметноста може да нѐ спаси од секојдневното лудило и да нè мотивира да погледнеме во себе преку другите околу нас.


Тања Кочовска, Александар Микиќ и Јордан Симонов


Фото: Кире Галевски