НАкС до УКИМ: Не притискајте со колективниот договор, спремни сме да излеземе на улица
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, вчера не одговори на прашањата на Факултети.мк дали ќе потпише колективен договор со новоформираниот синдикат
Ако ректорите на јавните универзитети се обидат по секоја цена да потпишат колективен договор за вработените во високото образование кој исклучиво се однесува на зголемување на платите за 10%, ќе се повторат сцените од зимата 2015 година, кога академската заедница масовно излезе на улица, најавува Независниот академски синдикат (НАкС).
Реакциите во академската заедница не стивнуваат откако завчера д-р Ангел Ристов од Правниот факултет „Јустинијан Први“ беше избран за претседател на новоформираниот синдикат во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, вчера не одговори на прашањата на Факултети.мк дали ќе потпише колективен договор со новоформираниот синдикат при УКИМ, бидејќи во моментот тој ја има улогата на работодавец. Тој не беше достапен ниту за изјава.
Ректорот на УКИМ, проф д-р Никола Јанкуловски, вчера не беше достапен за изјава
НАкС и СОНК (Синдикатот за образование, наука и култура) поддржани и од другите синдикати од земјава веќе десетина дена
алармираат дека врз нив се врши притисок да потпишат пристапници во новоформираниот синдикат, откако министерот за образование и наука Арбер Адеми на состанок со ректорите им посочил дека треба да формираат синдикати во рамките на единиците на универзитетите за да може да се потпише колективен договор и да им се зголеми платата на вработените во високото образование за 10%. Како контратежа на ова, синдикатите првпат
се обединија во ставот дека не може да се потпишува колективен договор кој содржи само една точка и не ги решава другите проблеми во високото образование.
Ректорот на потег
Во НАкС немаат информации дали новоформираниот синдикат веќе е регистриран во Министерството за транспорт и врски и во Централен регистар. Претставници од овој синдикат завчера
се состанаа со министерот Адеми и со вицепремиерката Мила Царовска.
- Бевме уверувани дека Владата не поддржува нелегитимно основање и формирање на синдикати. Според тоа, очекуваме МТСП да не го впише овој синдикат во регистарот на синдикати имајќи ги предвид околностите на неговото настанување - вели за Факултети.мк проф. д-р Елена Џукеска, в.д. претседателка на НАкС.
Проф. д-р Елена Џукеска, в.д. претседател на НАкС / Фото: МИА
Таа објаснува дека МОН не може да потпише колективен договор со вакво тело. Тоа може да го направи работодавецот - ректорот на УКИМ со овластување добиено од Собранието, бидејќи не станува збор за колективен договор на ниво на гранка, туку на ниво на работодавец.
- Ако Собранието навистина се реши да му даде овластување на ректорот да потпише колективен договор од само 1 член со жолт синдикат, тогаш неминовно ќе се повторат сцените од зимата 2015 година кога академската заедница, претставена преку Професорски и Студентски пленум, своето незадоволство го искажуваше во континуитет, додека не ја постигнавме целта. Се разбира, НАкС ќе ги примени сите законски средства, правни механизми што ни стојат на располагање за да спречи да не дојде до ваква непосакувана ситуација - вели Џукеска.
За зголемување на платите не е потребен колективен договор
На завчерашната средба Адеми и Царовска се согласиле со членовите на НАкС дека потпишувањето сеопфатен колективен договор, со кој ќе бидат уредени на конзистентен начин сите прашања поврзани со платите и другите права и обврски од работен однос, како и условите за работа на вработените, е најдобар начин да се решат наталожените проблеми во високото образование.
- Што се однесува до нашиот сеопфатен предлог за колективен договор, кој секако е сеопфатен, побараа време за да го разгледаат - вели Џукеска.
Од заедничката прес-конференција на синдикатите
На прашањето дали актуелните состојби покажуваат длабока поделеност меѓу вработените во високото образование, Џукеска одговара дека тие може да бидат поделени по секакви основи, но сигурно не се поделени по однос на прашањето дека им се потребни повисоки плати и подобри услови за работа.
- Нема таков член на академската заедница што би се согласил со покачување од само 10% и би се откажал од заложбата за многу повеќе од тоа, освен можеби ректорот на УКИМ, кој прима финансиски надоместоци од повеќе места и оние колеги што поверувале во уцената и измамата содржана во дописите што ги добивме од деканатите. А тоа е дека во овој момент нема законска основа за покачување на платите и дека единствено решение е потпишување колективен договор на ниво на работодавец. НАкС им ја објаснува вистината на колегите, дека законска основа има, како што имало и секогаш во минатото и дека колективен договор не може да биде услов за зголемување на платите. Членувањето во синдикат е доброволно, право на избор на вработените. Што ако вработените во една институција не сакаат да бидат членови на ниеден синдикат?! Тоа ќе значи дека за нив платите не можат никогаш да се покачат? Обврска на Владата е да најде начин како да го реализира ветеното. Соочувањето со оваа вистина создава сплотеност кај вработените на јавните универзитети - децидна е Џукеска.