И мажите и жените сакаат помлади партнери, покажа истражување
И мажите и жените повеќе ги привлекуваат помлади партнери, без разлика дали го сфаќаат тоа или не. Заклучокот доаѓа од студија спроведена на Универзитетот „Дејвис“ во Калифорнија, од анализирани 4.500 состаноци на слепо.
- По состанокот на слепо, учесниците беа малку повеќе привлечени од помладите партнери, а овој тренд беше еднакво застапен и кај мажите и кај жените - истакна Пол Иствик, професор по психологија на универзитетот и главен автор на студијата.
Во оваа студија биле земени податоци од луѓе на возраст од 22 до 85 години.
Истражувачите ги разгледале податоците за повеќе од 6.000 учесници што биле на состаноци на слепо, од компанијата за состанување „Tawkify“. Половина од нив биле мажи, а половина жени и повеќето биле поставени на состаноци со спротивен пол.
При одговарањето на прашањата од анкетата, повеќето изјавиле дека имаат горна возрасна граница што ја претпочитаат, но старосната граница што самите ја пријавиле немала влијание врз вистинскиот избор на учесниците.
Истражувачите испитувале дали жените со повисоки приходи се склони да изберат помлад партнер. Некои од жените во студијата биле прилично богати.
Сепак, имало многу малку докази дека приходите - било на нивните партнери на состаноците било нивните сопствени - влијаеле врз преференциите на овие жени за помлади партнери, велат истражувачите.
Студијата не испитува дали романтичната привлечност на првиот состанок води до подолготрајни врски.
- Овие резултати покажуваат дека мажите и жените ја сметаат младоста (малку) за попривлечна - без разлика дали го знаат тоа или не – заклучил Иствик.
Извор: phys.org
Фото: Freepik