Јаневска: „Гарантирам дека ниту еден наставник нема да остане без работа“
„Ниту Министерството ни министерката прави концепција, имаме институции. Министерството за образование и наука се обрати до Бирото за развој на образованието и тоа ја изготви нацрт-концепцијата за гимназиско образование. Јавната дебата за нацрт-концепцијата е во тек. Ги следам писмените реакции што стигнуваат, се среќавам со претставници на образовни институции, со ученици и со родители. Има многу позитивни реакции. Секако, ќе има собраниска јавна расправа за концепцијата, на која јас, како министерка, ќе ја бранам. Сите аргументирани барања ќе бидат прифатени“.
Ова го одговори министерката за образование и наука Весна Јаневска на поставените прашања поврзани со нацрт-концепцијата за гимназиско образование, на денешната собраниска седница, соопштија од МОН.
Јаневска појасни дека на минатонеделната средба на Филозофскиот факултет во Скопје, со претставници на катедрите, била водена конструктивна дискусија и било договорено во рок од 10 дена да достават забелешки за нацрт-концепцијата.
-Забелешките што ги слушам не се однесуваат на самата концепција, туку на наставниот план и програмата, односно на бројот на часови. Дел од наставниците се плашат дека ќе останеле без работа. Гарантирам дека ниту еден единствен наставник нема да остане без работа. Да, ќе бидат повеќе ангажирани, за да се искачат нашите деца на меѓународните тестирања неколку места погоре. Наставниците по Филозофија нема да останат без часови, Филозофијата, согласно нацрт-концепцијата, е задолжителен изборен предмет - одговори Јаневска.
Реформата на гимназиското образование следи по 24 години, и затоа, според Јаневска, не може сега да се бара ништо да не се менува во наставниот план и наставната програма.
-Неопходни се промени. Начинот на кој треба да предаваат наставниците, методите што треба да ги користат, треба да бидат многу различни. Учениците треба да работат интерактивно, треба да се реорганизира училница за децата да почнат поинаку да работат. Не може да седат еден зад друг, зад грб, за да можат да научат. Треба меѓусебна интеракција, со наставниците, треба да им обезбедиме електронски средства не само паметна табла, за да има промена. Но, и наставникот треба да научи како да го спроведе часот. Оваа концепција тоа го бара. Учениците да бидат во центарот, а наставниците да се вистински нивни учители. Убедена сум дека нашите наставници имаат голем капацитет и дека тоа за нив нема да биде проблем - рече Јаневска.
Министерката посочи дека за обука на наставниците се предвидени 2 милиони евра, но дека ако има потреба, ќе се обезбедат онолку средства колку што треба.