Кои се петте точки што беа усвоени во Бундестагот за построгата политика за мигрантите

Кои се петте точки што беа усвоени во Бундестагот за построгата политика за мигрантите

Стотици луѓе се собраа пред штабот централнодесничарската партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) во Берлин, Германија, за да протестираат по усвојувањето на построгата политика за мигрантите во Бундестагот, пренесе „Еуроњуз“.

Германскиот парламент вчера, покрај острото противење на канцеларот Олаф Шолц, усвои рестриктивен предлог на опозиционерските демохристијани за миграцијата и азилот. Предлогот беше усвоен со помош на гласовите на десничарската Алтернатива за Германија (АфД), со 348 гласови за, 345 против и 10 воздржани.

Предлогот не е правно-обврзувачки за германската Влада, но ќе го зголеми притисокот за преземање акција во врска со миграцијата, пишуваат светските медиуми, додавајќи дека гласањето ќе му покаже на лидерот на опозицијата, Фридрих Мерц, дека постои парламентарно мнозинство кое би можело да ја принуди владата да прифати соодветни решенија во областа.

Предлогот содржи пет точки:

-Постојани гранични контроли на сите германски граници;
-Конзистентно одбивање на сите обиди за илегален влез;
-Фактичка забрана за влез на лица без важечки документи;
-Итно приведување на лица кои се обврзани да ја напуштат земјата;
-Заострување на законите за престој за криминалци и опасни лица.

Планот предвидува дека и лицата што сакаат да побараат азил во Германија можат да бидат одбиени на границата. Образложението е дека во европските соседни земји тие веќе се безбедни од прогон, пренесе „Штутгартер Нахрихтен“.

Со оваа одлука се приоретизираат апсењата и депортацијата на лицата што се законски обврзани да ја напуштат земјата, се доделуваат повеќе средства за спроведување прописи за миграцијата на државно ниво и се заоструваат ограничувањата за престој за оние што чекаат да ја напуштат Германија.

На 23 февруари во Германија ќе се одржат предвремени парламентарни избори откако канцеларот Шолц изгуби на гласањето доверба во декември.

Насловна фотографија: Freepik