Ова се најперспективните професии со високи приходи во 2025 година
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Професиите се менуваат со неверојатна брзина, а технолошките иновации, климатските промени и глобалните трендови создаваат нови можности. Според Светскиот економски форум, во наредните пет години ќе се појават околу 69 милиони нови работни места. Ова се петте најперспективни професии со високи приходи за оваа година.
Менаџер за зголемување на побарувачката
Во дигиталната ера, маркетинг-стратегиите постојано се развиваат. Компаниите бараат експерти кои можат да ги анализираат трендовите и да го зголемат интересот за нивните производи. Просечната годишна плата за оваа позиција е околу 132.000 долари. Оваа улога е идеална за оние што ја разбираат стратегијата, имаат аналитичен ум, креативност и чувство за тренд.
Советник за продажба на соларни панели
Побарувачката за обновливи извори на енергија се зголемува, а соларната индустрија станува сè попрофитабилна. Советниците за продажба заработуваат во просек 156.000 долари годишно бидејќи не само што продаваат, туку и советуваат како клиентите да ги искористат најновите технологии и финансиски поволности.

Фото: Freepik
Истражувач на податоци
Со зголемувањето на употребата на вештачка интелигенција и големите бази на податоци, компаниите имаат потреба од експерти кои ќе ги анализираат и интерпретираат информациите. Очекуваниот раст на оваа професија е 36 отсто до 2033 година, а просечната годишна плата изнесува 160.000 долари. Оваа работа бара силни аналитички вештини и познавање на алгоритми, како и вештини за кодирање, стратегија и математика.
Професионален совет: Не мешајте ги научниците за податоци со аналитичарите. Аналитичарите ги толкуваат податоците, додека научниците одат чекор подалеку, градејќи модели што предвидуваат идни исходи.
Менаџер за медицински и здравствени услуги
Здравствениот сектор постојано се проширува, а со тоа и потребата за искусни менаџери кои ќе управуваат со болници, клиники и здравствени програми. Менаџерите на медицинските и здравствените услуги се столбот на болниците и тие обезбедуваат сите активности да функционираат непречено. Оваа професија обезбедува стабилност и висока плата, која достигнува просечно 110.680 долари годишно.
Промпт инженер
Вештачката интелигенција станува сè поприсутна на пазарот на трудот, а промпт инженерите играат клучна улога во подобрувањето на нејзината функционалност. Оваа нова професија носи годишна заработка од 183.000 долари (околу 174.000 евра) и не бара задолжително напредни програмерски вештини. Компаниите бараат луѓе кои можат да создадат оптимизирани текстуални команди за системите на вештачката интелигенција, овозможувајќи им да генерираат подобри одговори и резултати.
Што точно прават овие инженери? Замислете ги како архитекти за комуникација со вештачка интелигенција. Накратко, овие инженери го обликуваат начинот на кој вештачката интелигенција го поддржува и го подобрува нашиот секојдневен живот.
Извор:
Forbes.n1info.hr
Фото: Freepik