Префабрикувани бањи: Беа хит во Југославија, а сега повторно се враќаат во мода

Префабрикувани бањи: Беа хит во Југославија, а сега повторно се враќаат во мода

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Префабрикувани бањи беа стандард во југословенската станбена изградба во 70-тите и 80-тите години. Но, по 90-тите целата градежна индустрија, вклучувајќи ги и фабриките за префабрикација, падна на колена. Оттогаш, префабрикацијата доби незаслужено негативен глас бидејќи се сметаше за унифицирано и грдо решение. Сепак, денес овие бањи повторно се во мода.

На овогодишниот саем „Бау 2025“ во Минхен се истакна штандот на португалската компанија МОДС, дел од големата градежна групација „ДСТ груп“. Нивниот концепт за префабрикувани бањи се заснова на принципите на автомобилското инженерство: сè се произведува во фабрика, каде што се поставуваат инсталациите, плочките и санитарните елементи според желбите на архитектите, за на крај да се добие целосно опремен модул подготвен за инсталација.

2
Фото: MODS

МОДС нуди три основни конструктивни системи за бањи: челична рамка, дрвена рамка и лесна челична конструкција (LSF). Конструкцијата влијае врз околу 15-20 отсто од вкупната цена, додека остатокот го чинат завршната обработка, санитарните елементи и дополнителната опрема.

По одобрувањето на типот на конструкција и материјалите, во фабриката сè се составува како на производна лента, слично на тоа како што се произведуваат автомобили. Архитектот однапред избира плочки, бои за ѕидови, санитарни елементи и целокупна опрема – од чешми до осветлување.

Структурата на бањите вклучува база од лесен бетон и носечка рамка во зависност од естетските и функционалните барања на проектот. Потоа се инсталираат инфраструктурните елементи за водовод, канализација и електрични инсталации, а завршниот слој на модулот може да биде изработен од различни материјали (дрвени панели, гипс-картон или керамички плочки). Асортиманот на додатоци може однапред да се дефинира и инсталира во бањата.

Кабината ја монтираат двајца мајстори


Готовите модули на бања се транспортираат на градилиште со камион, а нивното подигнување и монтажа се вршат од само два мајстори со помош на кран. Благодарение на префабрикуваниот концепт, работите на самото градилиште се сведени на минимум.

Колку е поголема нарачката, толку е пониска цената по единица, што може да биде особено интересно за станбени и комерцијални проекти од поголеми размери. Минатата година МОДС испорачала 1.000 бањи, додека за оваа година планира производството двојно да се зголеми.

Стандардизацијата и контролата на трошоците што ги нуди МОДС не само што го забрзуваат процесот на градба, туку и ја поедноставуваат секоја фаза, од проектирање до финално испорачување. Овој пристап, инспириран од автомобилската индустрија, овозможува високи стандарди на квалитет и подобра контрола на трошоците.

Извор: Gradnja.rs
Фото: MODS